Македонскиот Камерен Хор настапи на мултикултурниот фестивал CultureFest организиран од World of Cultures од советот на градот Окленд, кој се одржа на 2ри април 2023. Фестивалот трае 21 ден и понуди бројни музички, ликовно-уметнички и танцувачки активности, едукативни настани, базари и работилници за подготвување храна од различни култури.
„Настапот на овој фестивал е мошне значаен затоа што ја претстави македонската култура заедно со повеќе од 60 култури што живеат во Окленд, Нов Зеланд. Но, исто така, настапот на Македонскиот Камерен Хор на овој фестивал е важен затоа што придонесе за проширување на културниот светоглед на новозеландската публиката и доближување до уникатните музички елементи на македонската народна музика и македонската култура“, ни изјави Ирена Ангеловска основач на хорот.
Композициите кои ги изведоа се хорски аранжмани на едни од најпознатите македонски народни песни, меѓу кои „Јовано, Јованке“, „На Струга дуќан да имам“, „Брала мома капини“ и „Рум, дум, дум“.
Македонскиот Камерен Хор е формиран во 2021 година. Негови основачи се македонските музичари Саше и Ирена Ангеловски кои се организатори и раководители на работата со хорот.
Целта на Македонскиот Камерен Хор е промовирање и зачувување на македонската култура и македонското музичко творештво, раздвижување и збогатување на културниот живот на македонската заедница во Аотеароа/Нов Зеланд, претставување на македонската музика рамо до рамо со музиката на останатите култури во Аотеароа/Нов Зеланд, и промовирање на интеркултурен дијалог, разбирање и почитување меѓу културите и етничките заедници во државата.
По неколкуте успешни настапи во Аотеароа/Нов Зеланд, Македонскиот Камерен Хор се подготвува за виртуелен настап на јубилејното 50. издание на меѓународниот хорски фестивал „Тетовски Хорски Одзиви“ („ТЕХО“) во јуни 2023 година, по што ќе следат подготовки на хорскиот репертоар за годишниот концерт на хорот.