„Патување низ Македонските планини“, беше насловот на презентацијата која во Австриското планинарско друштво во Виена ја одржа битолчанецот Иван Трпков.„Дали знаевте дека македонските планини покриваат над 85% од земјата? Тоа ја прави Македонија една од најпланинските земји на глобално ниво, надминувајќи ги дури и попознатите Швајцарија и Непал. Откако е роден и израснат таму, Иван имал доволно можности да ги истражи речиси сите нејзини значајни планини преку бројни планинарења. Како резултат на тоа, тој е желен да ја сподели убавината на овие планини со нашата публика и да ги прикаже различните можности за планинарење, качување, велосипедизам и скијање. И покрај тоа што се релативно блиску до Австрија, овие планини не се посетени од многумина. Тие остануваат релативно непознати, што ги прави нешто како неоткриен рај за планинарите. За разлика од другите региони, тие не се толку преполни, што нудат шанса да искусите недопрена природа и спокојни патеки за пешачење“, стоеше во најавата за настанот.Инаку Трпков е член на австриското планинарско друштво и исто така активен организатор на планинарски тури и други активности. Во рамките на клубот еднаш месечно се одржуваат состаноци на кои некој од членовите презентира некоја интересна тура или експедиција на планина. Тој претходно имаше презентации за неговите експедиции на Килиманџаро, Дамаванд и Арарат, но со оглед на неговото долгогодишно планинарење во Македонија, се одлучи овој пат да направи презентација за македонските планини, со цел да ги презентира во позитивно светло пред австриските планинари, посебно и „заради тоа што имаме навистина многу убави, а релативно непознати планини“, како што ни истакна тој.За време на презентацијата Иван ги претстави четирите национални паркови: Пелистер, Галичица, Маврово и Шар планина, а исто така и сите останати повисоки планини: Кораб, Јабланица, Јакупица (Мокра), Ниџе, Кожуф, Крчин, Стогово, Бистра, Осогово итн. За секоја од планините беше претставено кои се најважните карактеристики, највисоки врвови, природни реткости, услови за планинарење, спортско искачување, велосипедизам, скијање итн. Исто така и можностите за престој на планината, планинарски домови, транспорт итн. Имало доста прашања од публиката, навистина ги заинтересира темата и пројавијале интерес за посета на нашите планини.На крајот Трпков доби како поклон, и слика од една од неговите планинарски акции во Австрија.
„Мислам дека ова беше убав начин како да се популаризираат нашите планини пошироко, и можност да се пофалиме со нивните природни убавини и можности“, ни рече на крај Иван.