После концертот со Коло во Центарот за култура во Битола, ансамблот за народни песни и игри Танец, информираше за нови проекти.Тука е пред се учеството на „Галичка свадба“ за што директорот на Танец, Мартин Вучиќ истакна:
„Редно време беше најстарата институција да ја превземе таа одговорност, бидејќи како времето поминува остануваме единствен бастион на информации. Затоа од оваа година ќе бидеме редовен учесник“.
Во богата агенда тука се концертите низ Македонија со проектот „Изворни минијатури“. За прв пат ќе настапат на фестивалот „Пеце Атанасовски“ за изворни инструменти и песни, нешто што како што ни изјавија, сакаат да премине во традиција, бидејќи е единствен фестивал од овој тип. Еден од проектите за оваа година е фолклорното класичната симбиоза со Македонската опера и балет, каде 4 кореографии ќе бидат синхронизирани со нивниот симфониски оркестар, нивниот хор,целиот ансамбл на Танец, мега проект со околу 150, 160 учесници на сцена.
„Најважно од се е реакцијата на публиката односно и чувството на нашата држава да поддржува вакви проекти.Проекти кои се единствен начин ние да си ја заштитиме културата и нашиот јазик и се она што следува со тоа. Доволен показател е и концертот со Коло, многу емоции има секогаш кога заедно настапуваме , своевиден Отворен Балкан што ние го форсираме како проект, сметам дека покажавме во изминативе 75 години дека тој Балкан за нас секогаш бил отворен и ова што го правиме сега е само еден нормален след на настаните“, додаде Вучиќ.