Тамара Котевска по светската премиера на „Патување пеш“, „The Walk“ на 14. издание DOC NYC – најголемиот фестивал за документарни филмови во САД за новинарите изјави:
„ Се надевам дека овој филм ќе продолжи да создава непријатност во западните општества и ќе биде гласот на сите оние кои во моментов умираат неможејќи да ги искажат своите страдања пред светот. Светската премиера на The Walk во Њујорк – град создаден од бегалци, беше највистинското место овој настан да се случи. Горда сум што овој филм и создаде вистинска непријатност на западната публика (особено жестоко изреагираа италијанските новинари поради контроверзната сцена кај Папата) а пак Сириската публика го прими овој филм со огромна гордост и искрени солзи во очите, бидејќи пред се нив им беше посветен“.
Котевска со својот втор филм го насочува своето внимание кон главната приказна што се одвива пред сите нас, глобалната бегалска криза.
„ На крајот од премиерата ја потсетивме публиката дека повеќето локации во овој филм (Газиантеп и Хатај на турско-сириската граница како и кампот Јенин во Палестина веќе не постојат и после само 2 години од снимањето, филмот сега е архива)“.
Од друга страна најпрестижниот медиум за филмска критика – The Hollywood Reporter веднаш по премиерата, напиша извонредна критика која буквално го отслика ова патување на Тамара и нејзината филмска екипа .
„ Работејќи од нејзините разговори со Асил и другите деца бегалци, режисерката направи гласовна нарација (испорачана од друга девојка, а не од Асил што ја гледаме на екранот) која е резервна, поетска и застрашувачка. „Треба да најдам место каде што можам да ги оставам моите кошмари зад себе“, вели Амал/Асил“ – напиша филмската критичарка Шери Линден.
Ако темата овој пат е подиректно политичка, режисерката ја филтрира низ креативна леќа, обликувајќи го она што таа го нарекува бајка. Како и сите добри бајки, тој нуди засилена верзија на реалноста, спојувајќи го фантастичното со секојдневието.
Во реализацијата на филмот, покрај режисерката Котевска учествуваа и монтажерот Мартин Иванов, кинематограферот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев. Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија се двајцата исклучително талентирани актери кои се дел овој проект. Филмот „Патување пеш“ (The Walk) го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка, која патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, обидувајќи се да си најде дом. Филмот се снимаше 2 години, на територија од повеќе од 10 земји.
Главен продуцент на филмот „Патување пеш“ е една од најголемите наградувани британски филмски компании со фокус кон документарните филмови, GrainMedia – искусна продукција од Лондон, два пати наградена со Оскар во документарна категорија. Една од поголемите продукциски куќи кои застанаа позади филмот е Participant Media, една од најуспешните американски продукциски компании последниве 15 години, со 18 освоени награди од 73 номинации за Оскар. Kако македонски копродуцент се јавува ОХО Продукција, a филмот е поддржан и од македонската Агенција за филм.