Home » Стоечки овации после премиерата на „Галеб“ во Битолскиот театар

Стоечки овации после премиерата на „Галеб“ во Битолскиот театар

by culturalchat

Долготрајните аплаузи и стоечките овации беа дел од премиерата на „Галеб“, на Битолскиот театар после нејзината изведба. Имено со оваа претстава работена по делото на Чехов, а во режија на Багрјана Попов, започна новата театарска сезона во Битола.

„Се чувствувам среќно, емотивно, гордо на целиот тим, бидејќи та навистина направија една прекрасна изведба.Се чуствувам одлично и заради соработката со Благој, Валентин, секој еден од актерите. Вљубена сум во делата на Чехов ако така може да се каже, затоа што неговите дела допираат до секого, и прават да се чувствувате живи“, ни изјави режисерката Попов.

Да го работи „Галеб“ овде се одлучи заради езерата.

„Преспа кое за жал исчезнува, како во претставата што се зборува за губењето на она кое го сакаме, а Охрид исто заради езерото кое е толку моќно како појава, присутно и во делото и карактерите, во нивната имагинација, но исто така е вистински длабоко поврзано со местото од делото. Многу од ликовите во делото кое се случува во провинција се прашуваат што се можеме да постигнеме, и дали воопшто можеме да постигнеме. Но, тука се поставува и прашањето за младите луѓе како ние можеме да ги поддржиме и потикнеме во тоа нешто да постигнат. Но главната причина е бидејќи ја обожавам Битола, ја сакам Македонија, и се чувствувам многу поврзана со овој театар и овој ансамбл, тие имаат длабоки уметнички вештини и способности, и поседуваат уметничка мудрост.Се чувствувам благодарно тука“.Директорот на Битолскиот театар Васко Мавровски, задоволен од премиерата.

„ Многу сум возбуден, бидејќи покрај она што требаше да го изведам денес на сцената како актер, последните неколку денови имаме технички припреми, постојана комуникација со со службите, нешто кое за мене беше невообичаено досега, бара многу енергија но сепак на крајот кога гледате преполна сала, луѓе до кои емотивно сме допреле,задоволството е големо“.

Тој е исто така е и дел од актерската постава.

„Ова е едно од култните дела на Чехов, ова е неговата комедија, која всушност е една од најголемите трагедии напишани некогаш, но е насловена како комедија. До еден момент луѓето, публиката се забавуваат и ден денес свеж е хуморот на Чехов, кој луѓето го препознаваат. Да бидеш дел од поделата во „Галеб“ се случува еднаш во кариерата и многу сум среќен што имав лик кој успеав да го склопам со екипата и мислам дека сите 10 актери кои сме на сцена успеавме да дишеме како еден“.Драмата што Чехов самиот ја нарекува комедија, носи и порака за кршливоста на човештвото, гледано низ призмата на односот на луѓето кон природата.

Илија Волчески од театарот во Прилеп кој ја толкува главната улога во претставата, истакна дека е среќен што соработува со Битолски театар затоа што е полубитолчанец, но и дека Чехов отсекогаш бил предизвик за актерите.

„Пробите ни беа цело време во Битолскиот театар, и без разлика дека во Охрид го имавме езерото во позадина,  набрзо после паузата се вративме во стариот простор.Се разбира дека секогаш сме највозбудени за премиера, затоа што чекаме и реакции од публиката, и публиката овде реагираше одлично.Видовме дека имаше ролеркостер од емоции, затоа што имаше комични ситуации каде публиката се смееше, но крајот е трагичен со убиството на мојот лик. Се надевам дека претставата ќе послужи за еден вид поука за некои промени во такви семејства“.Во претставата публиката ги виде уште и Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска- Дранговска, Леонида Гулевска, Соња Ошавкова, Александар Димитровски, Живко Борисовски, Валентин Дамчевски и Дарко Велкоски. Костимите се на Благој Мицевски.Ова е 4-то дело од Чехов што режисерката Попов го поставува, и е голем познавач на делата на овој писател.„Да се работи со режисерката на ова дело, беше исклучително важно и корисно“, вели костимографот Мицевски.

„ Мило ми е што ова е првата премиера во новата театарска сезона, иако истата се случи во Охрид во еден автентичен амбиент со езерото во позадина, заради сплет на околности не бев во можност да ја гледам таа изведба. Тоа е она што режисерката го работи со години, тој side specific theatre, да се случи претставата во место како што е напишано во делото. Таа на тој начин ја има поставено и Вујко Вања, која претстава се одржуваше на село. Да се работи со неа беше исклучително важно и корисно. Јас исто сум голем љубител на драмите на Чехов.За многу од нив сум правел костими, но овојпат некако, режисерката ни го доближи Чехов на еден поинаков начин. Некогаш кога нешто читаме, летимично прелетуваме преку текстовите, и затоа некогаш некои работи убаво е да се прочитаат и неколку пати. Така и ја доживеав претставата, секој збор како прв пат да го читав, на начин на кој го доживувам поинаку. Се случи една магија која навистина не пренесе во еден амбиент, во една селска атмосфера со едни луѓе кои трагаат по своите животи, љубови, професии, многу ситуации со кои се поистоветуваме, потрагата по таа креативност, по прашањето: дали сум доволно добар уметник, дали тој уметник треба да има семејство и сл. Некако Чехов црпејќи го тоа од карактерите, од неговите пријатели кои и повеќето биле и актери и режисери, ни го долови на еден начин кој навистина не допре“.

Да се работи на костимографијата било малку комплицирано во смисла на тоа дека претставата била без буџет и не поминала на тогашниот конкурс на Министерството за култура.

„ Режисерката беше упорна и покрај тоа сакаше да ја направи претставата тука на овој простор, на езерата и Преспанското, и Охридското кои ги познава и ги сака, и сакаше да работи со оваа екипа. Некако сите собравме сили ентузијастично да влеземе во тој процес и како што кажува во еден дел и самиот текст: во животот е најважно да издржиме. Така што, таа најмногу, а и сите ние издржавме во едни околности за претставата да се одржи и мислам дека тоа е најважното дека театарот сега има претстава која се надевам ќе живее подолго на репертоарот“.Претставата започна со гостување, премиера на Охридско лето,која претходеше на битолската.

„ Долги години претходно не сме имале можност да гостуваме на Охридско лето со премиера, иако јас се сеќавам со мојот дедо, Битолски театар правел премиери во Охрид сме работеле и по 10 дена, тоа беа други времиња. Сега после 5 или 6 години, за првпат се појавуваме со премиера, Охридско лето е врвот од летната културна шема на Македонија, некогаш на истиот се доделувале и награди, Златна маска, за нас беше едно ново доживување. Во екипата имаме и млади луѓе кои за првпат настапуваат на таков тип на фестивал“, истакна директорот Мавровски.

Сценографијата за претставата ја осмисли Валентин Светозарев, за музичката подлога се погрижи Александар Димовски.  

 

 

 

 

 

 

Related Articles