Синоќешната свеченост организирана од општина Битола по повод Денот на ослободувањето на градот, започна со проекција на кратко видео насловено: „Битола во срцето“ и македонската химна во изведба на Игор Дурловски.
По доделувањето на едногодишните и наградата за животно дело, публиката имаше можност да го погледне музичко – сценскиот перформанс „Битола Бабам Битола“, во режија на Дејан Пројковски и музика на Оливер Јосифовски и Љубојна.
Низ перформансот, присутните се потсетија на минатото на Битола, прошетаа низ битолските маала, детските игри, потсетувајќи се на значајните имиња од градската историја, како љубовната приказна на Кемал Ататурк и Елени Каринте, на делата на браќата Манаки, на Димитар Илиевски Мурато, Јонче Христовски, Ацо Стефановски…
Пајтоните, шансоните и серенадите, традицијата на пиење кафе на Широк Сокак, беа неизоставен дел од перформансот одигран низ професионалната актерска игра на Петар Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Петар Горко, Никола Стефанов, придружувани од КУД „Илинден“ и песната на Вера Милошевска и „Љубојна“.
Во градот на ракометот кој одбележува 78 години од ослободувањето, „Битола Бабам Битола“, преку „радио преносот“ на Димче Миновски, ги врати сеќавањата на „Лемго“, на Пеце и Златко Димитровски, на Борец…
Со громогласен аплауз, публиката ги поздрави сите учесници во перформансот, раскажувајќи дека во Битола, одамна не се случил ваков настан, за кој впечатоците долго ќе се раскажуваат.