Со концертот на неповторливата Амира Медуњанин, свечено беше отворен 18. Фестивал на музика од светот во Битола. Вечер исполнета со емоции, музика и различни култури. До 30 ноември, Битола ќе биде музички крстопат на различни култури, звуци и приказни.
На почетокот на присутните во преполната сала на Центарот за култура им се обрати директорот, Сашо Илковски.

Screenshot
„Вечерва повторно ги отвораме вратите на музиката, уметноста и културното поврзување. Со особена чест и задоволство го отвораме 18.издание на Фестивалот на музика од светот, фестивал кој низ годините прерасна во препознатливо меѓународно културно случување и место каде различните култури зборуваат на еден заеднички јазик, јазикот на музиката. Годинешното мото „Музички крстопат“ ја остликува суштината на фестивалот, средба на различни музички традиции, култури, емоции и уметнички изрази. Затоа што музиката не познава граници, не бара превод и има моќ да ги поврзува луѓето без разлика од каде доаѓаат“.
Во следните 6 фестивалски вечери Битола ќе биде домаќин на извонредни музички уметници и состави од повеќе земји.
„Тие ќе ни овозможат да патуваме низ различни музички светови и да откриваме нови звуци. Изразувам огромна благодарност до сите уметници, соработници, сите вработени во Центарот за култура, сите поддржувачи, институции, партнери, верната публика кои допринесуваат овој фестивал да продолжи да живее и понатаму“, додава Илковски.
Селектор оваа година е Благојче Трајковски. 18.издание на фестивалот го отвори Амира Медуњанин, која на само 5 години започнала да го слуша Сариевски, а македонската музика е застапена во нејзиниот репертоар дури 50 проеценти. Традиционалната музика ја претвора во безвременска уметност, која со својот глас ги премостува границите и генерациите. Глас што ја носи длабочината на севдахот и секоја песна ја претвора во интимна приказна. Тоа беше вечер исполнета со топлина, искрена емоција и мелодии што остануваат со вас и долго после концертот. На сцената со неа настапи и Никола Зацески со кого ја изведоа „Назад, назад Калино моме“.
Вечер програмата продолжува со Јован Милошевски и CODE 369. Македонскиот гитарист и композитор кој ни доаѓа од Шпанија ја поврзува класичната гитара со балканските мелодии. Неговите аранжмани им даваат нова боја на традиционалните напеви, зачувувајќи ја нивната изворна емоција. Битолскиот бенд носи современ авторски звук и силна сценска енергија. Со препознатлива рок основа, збогатена со фанк, џез и класични инструментални елементи, бендот создава звук што се движи меѓу алтернативниот рок и современата поп и рок музика. По гитарските приказни на Јован Милошевски, CODE 369 ќе ѝ дадат поинаков ритам на фестивалската вечер.
На 27. Ноември настапуваат Сарсале од Шпанија.Страста на фламенкото оживува преку музика, ритам и движење. Сарсале носат темпераментна вечер во која секој тон и секој чекор раскажуваат приказна.
Мартеница од Турција настапуваат на 28.11.
Групата од Турција ги спојува балканските мелодии и макамските мотиви со современ музички израз. Моќен вокал, хармоника, виолина и перкусии водат од нежни, меланхолични песни до разиграни танцови ритми.
Битолскиот дувачки оркестар и Драган Мијалковски настапуваат на 29.11.
Под раководство на Марјан Бакревски, оркестарот ќе ги обои безвременските македонски и странски композиции со богат дувачки звук. Концертот „Big Band Edition“ носи средба на оркестарската енергија со песните што поврзуваат генерации. Ќе настапат заедно со Драган Мијалковски, еден од најпрепознатливите македонски гласови, со повеќе од пет децении музичка кариера. Заедно со Битолскиот дувачки оркестар ќе донесе вечер посветена на мелодиите што ги сакаме и паметиме.
Баклава од Македонија и Трио Мандили од Грузија се резервирани на 30.11.
Препознатлив музички израз во кој традицијата добива современ здив. Баклава создаваат топол и разигран свет од мелодии, ритми и приказни.
Трите девојки од Грузија ја освоија публиката со природноста, вокалните хармонии и љубовта кон традиционалната музика. Нивните изведби со милионски прегледи ја носат убавината на грузиските песни до слушатели низ целиот свет. Фестивалот се одржува со поддршка на Министерството за култура и туризам и Општина Битола.
Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски

