Најновиот документарен филм на режисерката Тамара Котевска, „Сиљан“ [The Tale of Sylian] ќе има светска премиера на престижниот филмски фестивал во Венеција. Филмот ќе биде прикажан во официјалната селекција Out of Competition. “Сиљан“ е визуелно суптилна и поетски наративна приказна за животот на македонски фармер и неговата необична врска со бел штрк со повредено крило. Делото е длабоко инспирирано од македонскиот фолклор и го реинтерпретира митот за момчето што, по конфликт со својот татко, се претвора во штрк.
Кинематографијата, зад која стои Jean Dakar, ја оживува оваа приказна преку слики кои ја отсликуваат нежноста на руралното секојдневие и убавината на запоставените предели – секој кадар изгледа како уметничка слика.
Снимањето на филмот траело три години и започнало како личен проект што Тамара Котевска постепено го оформувала сè до неговата целосна реализација. Таа стои зад филмот како режисерка и продуцентка, а проектот е остварен во соработка со американската компанија Concordia и британската The Cornershop. Меѓу продуцентите се и Jean Dakar и Јорданчо Петковски, со кој Котевска во моментов работи на својот прв долгометражен игран филм, „Човек против јато“. Иако продукцијата зад “Сиљан” не аплицираше за финансиска поддршка од Агенцијата за филм, овој проект уште еднаш покажува колку силна, храбра и посветена е новата генерација македонски автори, особено жените режисерки.