Филмот „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи после четирите распродадени сали во Скопје, премиерно беше прикажан во киното Браќа Манаки во Битола. Во главните улоги сe: Нина Деан и Ирена Илиевска, а останатите улоги ги толкуваат: Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Кети Дончевска Илиќ, Бајрам Северџан, Горан Стојаноски, Васил Зафирчев, Роберт Вељановски, Петар Горко, Благој Веселинов, Јана Вељановска, Димитрина Мицкоска. Бројната публика имаше можност да го проследи филмот кој според критиките заслужува внимание. По проекцијата гостите имаа можност да се дружат со режисерот, дел од тимот и актерската екипа и да дискутираат за филмот.
„ Беше чест да се биде во “Кино Манаки“ Битола со „Утре наутро“. За мене, таа душа на битолчани, тој дух на Манаки беше незаборавно чувство на смисла и потреба да зборуваме за филмот како уметност на радоста и тагата – во исто време! Сега „Утре наутро“ филмофилите во Битола можат филмот да го гледаат на редовниот репертоар во две кина во градот. Навистина, ама навистина бескрајно се радувам“, истакна режисерот по премиерата.
Напната драма, со трилер елементи која ја отсликува македонската реалност и немоќта на македонскиот граѓанин пред „ѕидот од неправдата“ кој го крепи корумпираниот општествен систем, поддржан од странскиот фактор во име на своите интереси.
„Утре наутро“ е независен филм, снимен без пари од државата. А тоа е сосема друг вид на одговорност кон оваа работа. Јас сакам да знам дека сум направил се за филмот да стигне до својата публика. Во принцип ова што јас го правам е вообичаено по светот, каде што луѓето се вложиле себе си и веруваат во тоа што го направиле. Се чуствувам како човек кој служи на своето дело, а не на државни службеници на кои треба да им пополни прашалник со афирмативни реченици. Во таа смисла, навистина сум благодарен на прекрасната публика во Битола која филмот го прифати со воодушевување. Можеби и со вознемирување, што е очекувано од филм кој има за цел да ве исправи пред самите себе си?! Но и со оптимизам. Со верба во идеата за подобар живот. Макар и тоа да е „утре наутро“! “, додава Бојаџи.
Од оваа дистанца, режисерот смета дека филмот бил повеќе лудост отколку предизвик.
„Утре наутро“ е лудост на уметници кои филмот и уметноста воопшто како борба со личните демони кои овие десетина години ни ја јадат душата! Ние сакавме да го направиме „Утре наутро“ за себе си и за нашето спасение како луѓе и уметници.„Утре наутро“ настана како фанатична потреба да кажеме дека знаеме што се случувало во оние драматични години од 2017 па до ден денешен! Сакавме да знаат дека знаеме кој стоел за тоа! И како го направиле тоа! Сакавме да ја раскажеме својата приказна за тоа. И на крајот од се, сакавме себе си да се увериме дека не сме само уште едни конформисти кои ќе ја свртат главата на другата страна и ќе молчат во име на личниот комодитет. Она што го сакавме, го направивме без страв и без сомневања дали тоа е добро или лошо. Во принцип, кога го правевме филмот мене лично не ми беше гајле за тоа! Но сега, откако се е готово, е сега ми е гајле! Кога наспроти оваа лудост сега седи публика која гледа и анализира, е сега ми е гајле! И сега си ги поставувам сите оние прашања кои вообичаено се поставуваат пред да се направи ваков филм. Но, кога не би било така, не би било лудост, нели?“.
Што треба да научиме од филмот?
„За жал, ние сме народ кој не учи од себе самиот, а не пак од уметност или од филм! Сепак, филмот е дихотомна уметност. Филмот може да не забавува учејќи не, но и да не научи забавувајќи не. Јас верувам дека од „Утре наутро“ има многу што да се научи. Но, ако од тие многу можности, оној за мене непознат гледач што ќе дојде во кино и ќе го изгледа филмот – ако тој човек научи дека само неговото човечкото достоинство ќе го спаси од сите беди, без разлика на тоа дали се материјални, социјални или пак духовни, јас ќе бидам задоволен дека сум направил дело кое може да се нарече добар филм“. Продуцент на филмот е Јани Бојаџи, извршен продуцент: Дејан Милошевски, директор на фотографија: Дарио Секуловски, монтажер: Давид Дулев, продукциски дизајнер: Јани Бојаџи, сценограф: Гоце Попов, костимограф: Зорка Тодорова, шминкер: Ирена Сенокозлиовска, композитор: Јани Бојаџи. Продуценти се: Синемон медија фактори, Револушн продакшн во соработка со Алфа Национална телевизија.
Фотографии: КИЦ Кино Манаки, фб страна на филмот „Утре наутро“.

