Светски познатиот виолинист од Литванија Џулијан Рахлин, на 12. јули на Античкиот театар во Охрид ќе го отвори годинешното 64-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Ова го најави директорката на НУ „Охридско лето“ , Наташа Поповиќ, објавувајќи ја фестивалската програма за ова издание. Рахлин е еден од највозбудливите и најпочитуваните виолинисти кој ја маѓепсува публиката низ целиот свет со неговиот исклучително богат звук, беспрекорна изведба и маестрална интерпретација. Славниот виолинист и диригент ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија.Уметничката програма конципирана од селекторката Бисера Чадловска и Сања Арсовска ќе донесе 36 неповторливи доживувања од кои најголемиот дел од областа на класичната музика, шест театарски креации, и по една изложба и промоција на книга. Селекторката на музичката програма Бисера Чадловска, рече дека секоја година ја конципира програмата на фестивалот „Охридско лето“ според искуството од претходната година.Годинешното „Охридско лето“, според драмската селекторка Сања Арсовска, ќе донесе разнолика театарска авантура, разноликост во стиловите, формата, естетиката и драматургијата, и како што рече, на ова издание ќе има три премиерни изведби.На прес-конференцијата беше претставено и годинешното идејно решение за рекламниот материјал изработено од маркетинг агенцијата „Идеа плус“. Дизајнот прикажува стилизирана женска фигура која свири виолина, стоејќи на традиционален охридски чун. Музичките ноти околу фигурата ja симболизираат хармонијата на музиката и природните убавини на Охрид, со фенерот како симбол кој фестивалот го позиционира како водилка низ светот на културата. Изборот на темно-сината позадина со контури на маски има за цел да создаде мистична и спокојна атмосфера, потсетувајќи на долгогодишната традиција и театарот како дел од фестивалот. Античкиот театар, Долни Сарај, Црквата „Света Софија“ и нејзиното предворје, како и Центарот за култура „Григор Прличев“ и годинава ќе бидат локациите на кои ќе се случуваат најголемите уметнички настани од 12 јули до 20 август.
Ќе бидат пречекани ад 500 уметници од 24 земји: Србија, Литванија, Словенија, Германија, Австрија, Велика Британија, Италија, Јапонија, Русија, Чешка, Венецуела, Бразил, Шпанија, Црна Гора, САД, Хрватска, Словачка, Романија, Грција, Кина, Полска, Франција, Белгија и секако, уметници од Република Македонија.