Home » Работилница за превенција од врсничко и дигитално насилство во Битола

Работилница за превенција од врсничко и дигитално насилство во Битола

by culturalchat

Во ООУ „Гоце Делчев“ – Битола, се одржа едукативна работилница за превенција од врсничко и дигитално насилство, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во соработка со Општина Битола. Фацилитатор на активноста беше м-р Фатма Бајрам Аземовска, која ја модерираше интерактивната работа со учениците и ги водеше дискусиите за препознавање и спречување на различни форми на насилство.
Во име на Мисијата на ОБСЕ, се обрати Ѓултен Мустафова, Национален програмски офицер, која ја истакна важноста на превенцијата, дијалогот и градењето на култура на почитување во училишната средина. Како претставник на Општина Битола, свое обраќање имаше Наташа Ташкова Поповска, која ја нагласи заложбата на Општината за континуирана поддршка на програмите за заштита на децата и младите, поттикнување на емпатија, соработка и безбедна училишна клима.
Доц. д-р Марина Кузмановска и Наташа Беќирова психолог говореа за емоционалните корени на булингот и улогата на љубовта, прифаќањето и самодовербата.
„Насилството често започнува од страв. А стравот го лечиме со поддршка и разбирање.“
Претставници од СВР Битола – инспектор Фарук Мемиќ, Мирјана Недановска и Ките Трајковски од Отсекот за превенција, се осврнаа на дигиталното насилство, злоупотребата на социјалните мрежи и важноста на пријавувањето. Преку видео-сегменти од „Светот на Биби“, учениците ги препознаваа формите на насилство: вербално, физичко и психолошко. Во рамки на активноста „Ѕид на добрината“, учениците залепија зборови кои градат пријателство, поддршка и разбирање:
пријателство, храброст, почит, љубов, добрина.
Пораки што ги понесоа: „Насилството не е игра и не е „нешто што поминува“.
„Да се застане во одбрана на друг е храброст“.
„Пријателството и почитта се градат секојдневно, со мали гестови“.
„Секое дете има право на безбедност — во училиште и онлајн“.На работилницата учествуваа 50 ученици од осмо и деветто одделение од следните училишта: ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Св. Кирил и Методиј“, ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ и ООУ „Д-р Трифун Пановски“. Целта е јасна — подигање на свеста кај младите за препознавање, превенција и последици од врсничкото насилство, како и градење ставови на емпатија, поддршка и почитување во заедницата.
„Заедно градиме училишта во кои владеат: љубезностa, поддршкаta и прифаќањето“, беше истакнато на крај.

 

Related Articles