Со изведбата на композицијата „Шиндлерова листа“ на Вилијамс, од страна на професорките Оливера Гемту по виолина и Татјана Божиновска на пијано, започна концертот насловен „Музички времеплов“ во Офицерскиот дом во Битола. Се работи за концерт по повод 76 години постоење на Државното музичко училиште од нашиот град, на кој настапија професорите од ова училиште. Беа изведени дела од класичната музика од различни епохи. Концертот беше во чест на 76 години богата историја преточена низ звуците на музиката. На сцената настапија и професорот по пијано Александар Грујовски, Валентин Наумов проф. по виолина и Верица Дивитарова, проф. по пијано, Горјана Стојановска проф. по пијано, Кирил Мулоски проф. по ударни инструменти, Јана Четелева проф. по пијано и Маја Митровска проф. по соло пеење. После нив следуваше изведба на дело на Сен Санс од страна на Татјана Божиновска и Билјана Димовска, професорки по пијано, Божиновска настапи и во следниот дел заедно со Игор Милевски на виолина. Композиција од Пијацола изведоа Марина Коруновска проф. по соло пеење, Александра Ристовска проф. по пијано, Никола Трајановски проф. по виолина, Александар Грујовски на хармоника, Никола Баљаревски на бас и Методија Мешковски на кахон. Концертот беше заокружен со изведбата на Let the sunshine in, од страна на хорот на ДМУ. под диригентска палка на проф. Лилјана Трајковска Димевски, пијано придружба Александра Ристовска и Никола Баљаревски на контрабас. Голем број на завршени ученици од ова училиште се гордост за музичката култура на градот и Р.Македонија. Тие се дел од Македонската Опера и Балет, Македонската филхармонија, СОКОМ, наставници во основните и средните училишта, професори на ФМУ во Скопје и Штип. Некои ученици станаа познати естрадни уметници во државата и надвор од неа, а некои се на пат да станат големи уметнички ѕвезди. Сите тие се гордост на училиштето. Тука се и големиот број на награди и признанија на домашни и интернационални натпревари. Секако значајно e да се спомене и доделувањето на наградата на град Битола “4 Ноември”.
Формирано во почетокот на 1947 година со решение на Министерството за народна просвета на Народна Република на Македонија, Државното музичко училиште спаѓа во редот на најстарите училишта во Македонија. Во почетокот беа формирани паралелки за основно музичко образование, а во 1962 година се формирани и пaраралелки за средно музичко образование.
Како институција со високи професионални квалитети, активно е вклучена во културното живеење на градот и регионот, организирајќи концерти по повод отворање на изложби, литературни презентации, соработка со други здруженија, институции, како и со фестивалот на класична музика „Интерфест – Битола“; „Шопенова Вечер“; соработки со училишта во Турција, Србија и други. Во својот 76 годишен развој оваа институција бележи постојан подем по однос на видот и бројот на образовни профили и растот на бројот на учениците.