Македонската готик група Мизар минатата година одбележа 40 години постоење.
40 години од тој автохтон музички израз на етно-даркерски мистицизам.
Тоа беше повод, музичкиот критичар, хроничар, колекционер и легенда, сам по себеси како појава, Тошо Филиповски да ја напише првата македонска монографија, првата воопшто напишана кај нас за еден бенд.
333 страници исполнети со текстови, изјави – сеќавања како на членовите на бендот, така и на новинари, рок критичари, организатори на концерти, познати музичари од Македонија и надвор од Македонија, бројни фотографии, голем број необјавени досега, податоци за сите концерти кои ги одржал Мизар, за сите постави кои свиреле на тие концерти, топ листи каде го има Мизар, но и за првпат кога станува збор за еден македонски бенд, Тошо на омотот на книгата создал „фамилијарно“ стебло кој ги преставува сите постави на бендот и над 50 членови кои низ него продефилирале.
На битолската промоција во дворот на МКЦ, а во рамките на Битола отворен град, музика од култниот Мизар пушташе Александар Гулевски кој на многу начини е поврзан со овој бенд.
Присутни беа вљубениците на музиката на Мизар, музичари од битолски бендови, јавни личности. За време на повеќечасовната дружба беа преслушани повеќето песни на Мизар, а Тошо сподели многу интересни детали и за бендот и за тоа како течеше целиот процес на истражување.
Тој зборуваше за почетоците и за тоа какво влијание врз него изврши бендот во неговата младост. Подоцна тие станаа и негови пријатели, оттука и поривот кај него, за разлика од повеќето монографии кои се создаваат на идеја на поединци, групи или заедници, кои за таа цел ги даваат потребните материјали и пари за хонорар и печатењето, Тошо се зафати со посветно истражување чувствувајќи лична и општествена потреба приказната за Мизар која трае 40 години да биде собрана во една книга.
Промотор на книгата беше Љубица Ангелкова, која покрај голем број сет на теми кои ги отвори со цел да го претстави ова капитално дело, значајно и за македонската музика, но и за идентитетот и културата на Македонија, го запраша Тошо околу првиот неофицијален менаџер на Мизар, Димитар Николов Таки.
Тошо, ја раскажа средбата со Таки и особено со линковите кои тој ги создаде за бендот во Словенија и Хрватска, каде им беше отворена големата врата на кариерата.
“ Таки во Мизар виде потенцијал уште кога тие беа демо-бенд и никој не се занимаваше со нив. Тоа е генијална проценка. Мора да знаеме сите дека Мизар извршил влијание и врз самата Македонија, затоа што Мизар се појавува во едно комплицирано време во осумдесетите години, кога се случуваат политички поместувања во тогашна Југославија, кога се случуваат промени врз кои влијание имаат и десетина тогашни рок состави почнувајќи од првите панк групи и набрзо преку новиот бран. Меѓу нив е Мизар, единствен бенд тогаш од Македонија, но кој пак е така оригинален, како што сметаше и Таки, што и не може да се дефинира класично ниту во панкот ниту во новиот бран, но дејствува паралелно со нив и врши силно влијание. Влијание и преку јазикот македонски, влијание и преку потпирањето на македонската традиција и историски вредности на Македонија, но и преку бунтовноста и да речам, непокорноста кон тој тогашен систем, по цена и на развојот на кариерата на Мизар. Штета што немав можност да го видам Таки кога го пишував финалниот дел од книгата, сигурен сум дека ќе ку значеше…за среќа има една фотографија од бендот со него во монографијата и тоа е вредна историја” – изјави тој на промоцијата.
И по завршувањето на промоцијата, присутните останаа да зборуваат со авторот за МИЗАР, за таа музичка појава која не ги копираше западните бендови од ист музички правец. Тие во својот музички израз на единствен начин го споија класичниот готик рок со македонската музичка традиција, влијанието на византиската музика и православното црквено пеење, нешто што и тогаш и денес воодушевува.
Фотограф Диоген Хаџи Коста Милевски .