На 17.октомври, четврток, во Офицерскиот дом во Битола, ќе се одржи промоција на книгата „Сексот е забава за сиромаси, богатите бројат пари“, на авторката Светлана Петковска.„Книгата е започната да се пишува во 2004 и 20 години го чекаше вистинскиот момент да излезе во печат. Во времето кога мојот сопруг беше уште жив му прочитав неколку страници, и тој веднаш ми рече дека мора да се издаде, му се допадна. Од тогаш поминаа 20 години, за повторно тетратката да ја фатам во раце и да ја допишам книгата“, истакнува Петковска.
Истата има 80 страници. Додадената вредност на книгата е што во истата е и преводот на српски и бугарски, од две жени кои без проблем прифатиле да ја преведат.
„Во книгата се опишува животот на една жена во Македонија и сите стереотипи и некои непишани правила кои владееле во минатиот и во овој век. Ја опфаќам постпородилната депресија, суицидот на сопругот на главната личност, самохраниот нејзин живот, христијанската вера и многу други работи. Книгата повеќе личи на едно видување на животот на сите нас или поточно на сите жени кои сум ги сретнала во мојот живот, од кои сум слушала и научила многу, сега сето тоа го преточив во книга“, вели авторката.
Книгата е пишувана на македонски литературен јазик, но со примеси на прилепски и битолски изрази, за настани во и околу Битола, Прилеп, за жените од овие места, но авторката верува дека во книгата ќе се пронајдат жените и од другите градови и држави.
„Главниот лик во книгата нема име и тука сакав да оставам простор на сите жени кои ќе ја читаат книгата, а претежно е наменета за жени, да си стават име како што сакаат. Дури се случува на некои места, дрвото да има име, а главниот лик нема. Нејзиниот сопруг до половина во книгата има име, а потоа и тој нема, бидејќи заради неговото однесување, таа престанува да го вика на име, едноставно е тој“.
Светлана Петковска е дипломиран електроинженер, граѓански активист и претседател на Организацијата на жени на Битола. Модератор на настанот ќе биде Силвана Петрова Насух, присутни ќе бидат и двете преведувачки на книгата: Маринела Петреска и Светлана Пешиќ. Промоцијата на книгата е во рамките на одбележување 80 години Организација на жени и ќе биде со почеток од18 часот.