Home » Промовиран филмот „Единствен– сеќавање на Тоше Проески“

Промовиран филмот „Единствен– сеќавање на Тоше Проески“

by culturalchat

Поминаа 16 години од трагичната смрт на музичката легенда Тоше Проески, кој на 25.  јануари ќе го прославеше својот 43 роденден. За 26 години живот и 15 години кариера зад себе остави голем број хитови, музички награди и концерти. Но, на денот кога трагично го загуби животот, регионот не плачеше само затоа што отиде голем музичар, туку и голем човек. Придонесот на Тоше не беше само музички – неговиот алтруизам, хуманитарната работа и љубовта кон животот и луѓето се она по што луѓето го паметат. За тоа најдобро сведочи неговото семејство, пријателите од детството, но и родното Крушево, каде од тој 16 октомври 2007 година времето како да застана.

Во Младинскиот културен центар во Крушево публиката имаше можност да ја погледнете премиерата на документарниот филм „Единствен – сеќавање на Тоше Проески“, чија авторка е Катарина Миловановиќ, а продукцијата е на Прва телевизија од Србија. За Тоше во филмот зборуваат градоначалникот на Општина Крушево, Тони Цетински, Јелена Томашевиќ, Жељко Самарџиќ, Андријана Јаневска, Огнен Неделковски, Соња Алексоска, пријателите на Тоше, членови на неговиот бенд и многу други. Неговите соработници се сеќаваат на неговиот извонреден талент, неговите пријатели на ведриот дух, а неговото семејство за најдобриот син, брат и вујко. Сите тие споделија спомени снимени во слики и видеа, чувани долго време само за нив.

Прикажано е неговото училиште, неговиот прв настап, неговиот последен настап, работите што ги чуваат неговите пријатели за да го паметат секогаш. Спомен-куќата на Тоше доби примерок од документарниот филм со превод на македонски. Снимател на филмот е Срѓан Прерадовиќ, а монтажер Никола Успенски.

 

Related Articles