Home » Промовиран документарен филм и труд за Тале Огненовски

Промовиран документарен филм и труд за Тале Огненовски

by culturalchat

Како дел од програмата на БИТ ФЕСТ, и дел од 52 издание на Фестивалот „Илинденски денови“, а по повод навршувањето на 100 години од раѓањето на уште една многу важна личност во македонската музика, Тале Огненовски, човекот кој ги поставил темелите на македонската традиционална музика изведена на кларинет, беше промовиран научниот труд, чиј автор е реномираниот музичар и професор Благојче Трајковски, како и промовиран краткиот документарен филм, посветени на ликот и делото на легендарниот кларинетист.

Огненовски беше еден од ретките кларинетисти кои успешно настапиле и со чалгија и со помодерен стил, роден во 1922 година во Битола и еден од највлијателните музичари. Тој беше член на ансамблот Танец во 1950-тите години и беше солист на кларинет на оркестарот “Чалгија“ на “Радио Скопје“.Тој е композитор на многу музички мелодии што станаа стандарди и што е основа за сопствената нова компонирана народна музика во Македонија.

Трајковски  важи за најдобриот кларинетист последните години и го носи епитетот вториот наследник на Тале. За да се доближи до музиката на Огненовски многу му помогнал татко му,  Стојан Трајковски, еден од најреномираните македонски кларинетисти.

Во филмот за делото на Огненовски зборуваат и други значајни луѓе за македонската музика меѓу кои:Оливер Јосифовски и Вера Милошевска од Љубојна, Мите Димовски, продуцент / композитор, Благоја Дескоски виолинист – композитор, Стојан Трајковски.

Во првиот дел од монографијата Благојче Трајковски го опфаќа животниот пат на Огненовски, а во вториот дел сместен е музичкиот творечки опус каде до израз доаѓаат шеесетина дела.

Огненовски бил еден од најзначајните ликови во македонската народна музика. Македонските ора на Огненовски се изведувани во ШвајцаријаФранцијаШведскаФинскаВелика БританијаДанскаАвстрија. Со ансамблот „Танец“ настапувал на најпознатите концертни сцени во Северна Америка и во Европа со фантастичен успех. Особено се издвојува неговиот концерт во престижната концертна сала „Карнеги хол“ во Њујорк во 1956 година, како прв Македонец кој настапил на таа сцена. За тие настапи се здобил и со извонредни оценки од публиката и критиката од страна на New York Times,  Life, LA Times.

Тале Огненовски е композитор или аранжер на 300 македонски ора, композитор на концертот за кларинет “Tale Ognenovski Concert for Clarinet No. 1” и на 12 џез композиции. Неговите дела се издадени на 12 носачи на звук (ЦД, плочи, касети). Во септември 2008 година го објавил албумот „Македонски џез-композиции за кларинет од Тале Огненовски“, во издание на американската издавачка куќа „Индепендент рекордс“ (Independent Records), кој бил одлично оценет од музичките критичари. Претходно, во 2006 година го издал албумот „Концерти за кларинет на Моцарт и Огненовски“, посветен на 250-годишнината од раѓањето на Моцарт, на кој го обработил концертот на Моцарт за кларинет. Во декември 2005 година го издал албумот „Џез, македонски народни ора и класична музика“. Албумот е снимен во студиото „Промузика тра-ла-ла“ во Скопје, а објавен е од страна на „Индепендент рекордс“.

За своите дела, Огненовски добивал блескави оцени од повеќе страни. Тале Огненовски како солист на кларинет ги изведуваше македонските народни ора „Женско Чамче“ и „Беранче“ со ансамблот „Танец“ во филмот „Ритам и звук“ во продукција на Вардар филм од 1955 година.

За неговите заслуги во развојот на македонската народна музика, во 2003 година, Огненовски ја добил наградата „11 Октомври“, а во март 2012 година му била доделена и национална пензија.

Тој е и автор на книгата „Македонски ора“која содржи музичка нотација од 68 композиции за кларинет компонирани и аранжирани од него.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles