Во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа промоција на четири книги од проф. д-р Златко Жоглев кои се наменети за најмалите. Прекрасната литература за деца преточена во четири книги проза: „Портокаловото човече“, „Зајко Бајко и кучето Трајко“, „Мечката и штркот“ и „Снаодливото јаренце“ беа промовирани пред преполната сала.
Настанот го водеше проф. д-р Билјана Граматковски, а пред љубителите на пишаниот збор за книгите зборуваа проф. д-р Гордана Стојаноска и проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска кои во кратки црти дадоа осврт на книгите.
Сите присутни, од најмали до највозрасни уживаа во интерпретацијата на стиховите од страна на студентките Димитра Десановска и Ивона Вурмевска од Педагошкиот факултет- Битола.
Професорот Жоглев инспириран од својата мала внука Дениција ги креира овие книги во кои се сместени илустрации за секој што ја има книгата да може да ужива во читањето и боењето.