Home » Промовирана најновата книга на Ана Јовковска „Љубов во топка“

Промовирана најновата книга на Ана Јовковска „Љубов во топка“

by culturalchat

„Љубов во топка“ е најновата книга на пистаелката Ана Јовковска која беше промовирана во КСП Центар Јадро– Скопје.Се работи за интерактивна сликовница чиј промотор беше  универзитетскиот професор и писател Владимир Мартиновски. Книгата за деца го обработува проблемот на врсничкото насилство (булинг) како еден од најгорчливите проблеми на денешното општество. Приказна за пријателството и емпатијата, што го анализира широкиот спектар на емоции кај децата. Книга за кревкото детско срце, за гласот што треба да го пронајдеме, за храброста да кажеме како се чувствуваме и можноста секое дете да биде херој или хероина. Чувствата што доминираат во нарацијата и илустрацијата се тага, осаменост, нарушена самодоверба, но и верба, храброст, љубов и надеж.

Покрај главната наративна нишка во книгата е опфатена и темата за различноста односно маргинализирањето на поинаквите деца. Иако приказната не бега од тагата како емоција, таа дава решение како да се канализираат емоциите и да се пронајде сопствениот глас. Завршува оптимистички, со надеж дека љубовта и добрината го носат новиот детски свет.Оваа топла емотивна приказна на Јовковска е надополнета со прекрасните илустрации на Иванка НиБа. Преку суптилната текстурна основа и топлиот колоритен пристап таа ни ја пренесува разиграната нота на детството и детските игри воспоставувајќи сооднос помеѓу чистиот детски дух и емпатијата кон се околу нив. Големата палета на емоции во текстот се проткајуваат и низ изразот на секое илустрирано дете, маче, облаче или нијанса. Динамиката на потезниот цртеж и експресивноста на карактерите ни ја доловува различноста на инфантилниот ум и на одразот што го има во сооднос со средината како што се домашното воспитување, љубовта, почитта…Проткаени едно во друго, текст-илустрација, емоција-израз, приказна-слика… Сликовницата е дел од едицијата Светулка 2 која веќе брои 4 наслови а се планираат уште 5 и се опфатени теми соодветни за деца од раноучилишна возраст.

Ова е седма книга на Јовковска, а воедно и втора илустрирана книга за деца, во издание на „Едиција светулка“. Ана Јовковска е новинарка, писателка и научна истражувачка. Во суштина – сонувачка, гласноговорничка за слобода, еко-активистка, активистка за правата на децата и животните. Мајка на првачето Алекс и пријателка на кучето Ада. Сонува за свет во кој ќе нема ниту едно гладно дете. Верува дека секој човек е добар, ако му го најдеш клучот до срцето. Нејзините идеали се најсилните кредити на кои се обложува.

„Ја напишав книгата заради потребата да раскажам приказна со која ќе може емоционално да се идентификуваат различни деца и родители – Заради идејата да истражам и да поттикнам да се говори за еден од најгорчливите проблеми во денешното општество – врсничкото насилство или булингот – Заради желбата да напишам приказна со која ќе се сензибилизираат луѓето за важноста за социо-емоционалниот развој на децата и менталното здравје – Заради просторот што сакам да им го дадам на децата кои се поинакви – Заради развивањето на читачката култура кај најмалите – За сите деца (големи и мали) кои се борат со тагата и осаменоста – Зa кревкото детско срце – За сите мали херои и хероини – За да ги осветлиме темните ќошиња на нашите души – За да го најдеме нашиот глас – За надежта и радоста на живеењето“, истакна авторката Јовковска.

 

Related Articles