Home » Претставување на македонската џез култура во Шпанија

Претставување на македонската џез култура во Шпанија

Концерти на проф.Сашо Поповски

by culturalchat

Џез музичарот Сашо Поповски неуморно го дава својот придонес за развојот на македонската џез-култура. Тој ја предводи катедрата за џез-музика на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип, паралелно, освен што работи на својот авторски материјал, ги врши и последните подготовки за интернационалниот фестивал „Џез-фабрика“, кој ќе се одржи од 7 до 9 јули во неговата родна Битола. Покрај тоа тука се многубројните настапи и концерти не само во Македонија, туку и надвор од државата. Една таква турнеја заврши неодамна и тоа турнејата во Шпанија, за промоција на албумот “Fallen Land” SJF Records.

„ Мојата прва турнеја во Шпанија се реализираше на покана на “Caja Granada Jazz Festival 2022”  и џез асоцијацијата “OYK Association de Jazz de Granada”. Поради скратениот буџет на фестивалот и лимитираните можности за патување, не бев во можност да патувам со моето трио, па така оваа турнеја ја реализирав во состав со Dani Levy (Шпанија) бас гитара и Cote Calmet (Перу) тапани. Првиот концерт во организација на фестивалот се одржа во најпознатиот џез клуб во Гранада – Lemon Rock и веднаш уште следниот ден од страна на влијателниот џез портал Griffin Jazz – Granada добивме највисоки оценки за концертот со осебен акцент на квалитетот на композициите. Вториот концерт беше во соработка со културниот центар La Lolaina – Niguelas додека третиот концерт се одржа во најголемиот џез клуб во Шпанија Clarence Jazz Club – Malaga“, истакна Поповски.

Покрај концертите одржал и мастер час на кој прозвучија македонските песни.

 „ Истиот беше на тема “Балканскиот ритам и џезот“ во организација на џез асоцијацијата “OYK Association de Jazz de Granada” каде зборував на Македонската традиционална музика и начинот на кој оваа традиција ја имплементирам при создавањето на современа џез музика. На мое огромно задоволство мастер класот беше одлично посетен и со членовите на асоцојацијата (музичари) научивме и изведовме две Македонски композиции „Елено ќерко“ и „Се посврши Сербес Донка“, додава Сашо.

За следната година веќе добил покана за настап на два џез фестивали во Шпанија.

Сашо Поповски има настапувано на многу џез фестивали во Европа и има работено со познати џез уметници меѓу кои Тони Китановски, Оскар Салас, Милчо Левиев, Дејв Вилсон и Гоце Мицанов. Во последната деценија Поповски објави пет албуми, соло композиции, а компонираше и музика за филм и театар. Неговиот трио проект е со Иван Бејков на контрабас и Виктор Филиповски на тапани. Во 2021 година, албумот Fallen Land заврши на прво место на регионалната џез сцена на шоуто Jazzolovka на ХРТ Хрватска и беше албум на неделата во Бугарија, Србија, Полска и Македонија.

Вели дека најголемо влијание во градењето на неговиот џез стил имал Орнет Колман и тој бран на авангардна музика од раните 60 ти години на минатиот век.Влијание имале и современите мајстори како Џон Аберкромби, Бил Фрисел или Рој Кембел Јуниор, артисти на чии албуми Поповски се навраќа и со задоволство ги слуша.  За време на неговите студии работел под менторство на проф. Милчо Левиев и проф. Симеон Штерев, а денес  дебатите за џез музика ги води најчесто со проф. Тони Китановски.

Повеќе информации за настапите на Сашо Поповски на веб страната:

https://sasopopovski.com/

За настапот во Шпанија на следниот линк:

 

Related Articles