Home » Премиерната изведба на делото „Вооружен човек“ пренесе пораки за мир

Премиерната изведба на делото „Вооружен човек“ пренесе пораки за мир

by culturalchat

На сцената на Македонската Филхармонија, оркестарот на филхармонијата, хорот „Про Арс“ и вокалните солисти ја претворија музиката во молитва — длабока, човечка и толку неопходна, на премиерната изведба на мисата за мир, фантастичното вокално-инструментално дело „Вооружен човек“ од британскиот композитор Карл Џенкинс. Истото прозвучи како повик за надеж, како нежно, но моќно потсетување на човечноста наспроти бруталноста на војните. Под маестралното водство на Сашо Татарчевски, оваа изведба не беше само уште концерт, туку уникатно и неповторливо доживување — музички миг кој уште долго ќе одекнува во тишината.„Ова беше настан кој никого не остави рамнодушен. Хористите, инструменталистите од оркестарот, солистите, тимот кој учествуваше во осмислувањето и реализацијата на визуелниот дел од настанот, тимот задолжен за аудиото, екипата за сценска поддршка, раководството на институцијата, публиката и на крај и мене како диригент. Сите бевме обземени од крајниот резултат. А кога згора на тоа ќе се додаде и фактот што и неколку денови после концертот константно добивам пораки во кои луѓе ми пишуваат каков траен впечаток тој оставил на нив, само ми се потврдува фактот дека сум направил добар избор на програма и дека пораката на делото на Џенкинс успешно сме ја изразиле. А пораката е дека многу е лесно и донекаде и опивно да се силиме и с`скаме за конфликт, да ги тераме младите да се „јуначат“ и да се потенцира сопственета „големина“ и „сила“, да се величи желбата „другиот“ да се порази, но, последиците од тоа се неизбежни, го стигнуваат секого кој учествува во тој конфликт и се огромни и страшни, а на крај… на крај секогаш се стигнува до сознанието дека мирот е беспоговорно подобар од војна. Моментот во постоењето на светов е (за жал) таков што ваква порака изгледа треба да се испраќа секојдневно“, истакнува Татарчевски.Соработката со колегите музичари од филхармонијата за него беше задоволство, а тука се и солистите од хорот „Pro Ars“, кој годинава слави 15 години постоење: Мартина Георгиевска, Ана Ценевска Мучева, Емили Христоска, Исабела Димовска, Дејан Симоски, Мартин Блажевски и Месут Куртис.

„Неизмерно го ценам нивниот професионализам и однос кон она што го работат. Имав чест да соработувам и со извонредниот Месут Куртис, имав можност да ги претставам на публиката и „моите“ Мартина Георгиевска, Емили Христоска, Дејан Симоски, Мартин Блажевски, Ана Ценевска и Исабела Димовска, како солисти, како и уште еднаш да го презентираме врвниот квалитет на хорот „Про Арс“. Огромно честитам и благодарам до продукцискиот тим на институцијата Македонска филхармонија како и на директорот Мустафа Имери кои и покрај предизвиците покажаа и храброст и одлучност со прифаќање и реализирање на ваква програма“.

Татарчевски додава дека на македонската музичка сцена и` е потребен институционализиран хорски ансамбл.
„Сакам да испратам и порака до Министерството за култура дека полната сала, стоечките и долготрајни овации, воодушевеноста кај сите и трајниот ефект врз мислата и емоциите кај учесниците и публиката поврзани со овој настан (но без исклучок се случувало и после секој концерт со вокално-инструментална музика изведен во оваа сала и од овие протагонисти), го потврдуваат она што го зборувам со години наназад, а тоа е дека на македонската музичка сцена и` е насушно потребен институционализиран хорски ансамбл кој ќе го изведува атрактивниот и огромен репертоар кој нашата публика ретко добива можност да го конзумира, а го бара и сака да го слуша“.Тој е најактивниот и најнаградуваниот македонски диригент, кој речиси три децении интензивно работи на македонската музичка сцена. Дипломирал и магистрирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” на Факултетот за музичка уметност – Скопје во класите на диригентите Фимчо Муратовски, Драган Шуплевски и Саша Николовски-Ѓумар. Посетувал мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Сартеано и Санкт Петерсбург, кај реномирани диригенти како Хелмут Рилинг, Михаел Јуровски, Франческо Каротенуто, Марк Горенштајн, Александар Полјаничко и Сајмон Керингтон. Настапувал со голем број ансамбли во земјава и во странство, вклучувајќи ја Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Симфонискиот оркестар на ИКО од Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж, Младинскиот оркестар на Санкт Петерсбург и Симфонискиот оркестар на ФМУ. Со темелна работа и посветеност на развојот на македонската музичка сцена, поставил голем број први изведби и иновативни концертни програми со Битолската опера, Камерниот оркестар на Битола, камерните ансамбли „Алеа” и „КонТемпора”, како и со повеќе хорски ансамбли. Како диригент на симфониски концерти соработувал со бројни домашни и странски солисти, меѓу кои и светски познати имиња како Јеол Еум Сон, Марк Бучков, Емануел Сејсон, Пабло Бараган, Ајман Мусахоџаева и Симон Трпчески.Делото „Вооружен човек“ е едно од најмоќните дела во современата класична музика, базирано на католичката миса, композицијата вклучува текстови и мотиви од разни култури, религии и историски извори и праќа универзална порака за мир.

Фотографии: Татјана Ранташа

 

Related Articles