Во рамките на програмата за одбележување на 4-ти ноември, празникот на Битола, ќе биде изведена театарската претстава „Куфер.МК“, во режија на Благој Мицевски, а во изведба на актерката Соња Михајлова.
Се работи за животниот пат на една актерка, жена, од времето на сеќавањата на детството за еден гостувачки циркуз па до времето на Југославија и до ден денес.
Каде бевме и кои бевме, каде сме сега и кои сме.
Во истиот циркуз живееме…
Се раскажува за една лична интимна исповед за дилемите, моралните вредности, погледот на светот, убавите моменти, но и траумите низ кои поминува и со кои се справува една актерка, жена.
Изборот и авторските текстови се на Михајлова, музиката на Миодраг Неќак, видеата на Марјан Ѓорѓиевски. Претставата се реализира со помош од Општина Битола и КИЦ и ќе се одигра на 02.11 во Кино Манаки со почеток од 20 часот.