Летната џез фузија Stefanijazz Project, за раздвижување и будење на сите сетила, со жуборот на Драгорот, се одржа во рамките на Бит фест во кафе Тигре (старата Трикотажа Пелистер). На концертот учествуваа: Стефанија Милевска Враниќ – вокал, Билјана Трајковска – вокал и пратечки вокали, Владимир Враниќ – гитара, Владимир Николиќ – труба, Ристо Крстевски – клавијатура, Зоки Паркет – контрабас и бас, Павел Талевски – тапани.
Стефанија Милевска Враниќ е добро познато име како на битолската, така и на регионалната музичка сцена. Нејзиниот музички стил е рефлексија на нејзините артистички и животни погледи и афинитети, умесно спакуван музички колорит од стилови, во кој џезот провејува на еден лесен и спонтан начин. Секоја од нејзините авторски песни е приказна за себе, носи живот, порака, надвор од секое клише. Можеби затоа публиката пријатно се чуствува на нејзините концерти, прифаќајќи ги песните како свои. Така беше и во чудесниот амбиент во предворјето на кафе „Тигре“, каде Стефанија подари уште една вечер за паметење.
Неодамна таа токму во ова место ја промовираше новата песна и новиот видеозапис „Нема да молчам“.
фото: Сашо Ставрев



