Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од 1 до 3 јули 2022 г. ја реализираше меѓународната манифестација „Битолски книжевни паметења“. Манифестацијата се одржа по 11-ти пат и со финансиска поддршка од Министерството за култура како проект од национален интерес, и со поддршка од Општина Битола. На манифестацијата учествуваа истакнати писатели од Друштвото на писателите на Македонија, како и од Саудиска Арабија, Италија, Шпанија, Франција, Полска, Србија, Босна и Херцеговина, САД, Холандија, Бугарија,Западен Бенгал (Индија), Романија, Германија, Словачка и Кина.
Организацискиот одбор на манифестацијата го сочинуваа писателките: проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Весна Мундишевска-Велјановска.
Отворањето на манифестацијата се одвиваше во конференциската сала на хотел „Епинал“ – Битола, започна со поздравниот говор на проф. д-р Бисера Костадиновска-Стојчевска – министерка за култура на Македонија, обраќањето на д-р Тони Коњановски – градоначалник на Општина Битола, како и обраќањето на Елизабета Јончиќ – претседателка на „Битолскиот книжевен круг“ и на проф. д-р Христо Петрески – претседател на Друштвото на писателите на Македонија.
Следуваше врачувањето на наградите од традиционалниот конкурс на „Битолскиот книжевен круг“ и беа промовирани наградените книги. Проф. д-р Гордана Стојаноска ја промовираше книгата „Три во тринаесет“ од Јована Матевска-Атанасова, добитник на наградата „Книжевен круг за проза“. Книгата со хаику поезија „Премолчено пладне“ од Никола Илијовски, наградена со „Книжевен круг за поезија“, ја промовираше Милица Димитријовска-Радевска. Проф. д-р Васил Тоциновски ја промовираше книгата „Книжевно-критички читања“ од Даниела Андоновска-Трајковска, добитник на наградата „Книжевен круг за критика“. Елизабета Јончиќ ја промовираше книгата „Денот кога го изедовме Бога“ од Гордана Јовиќ-Стојковска, добитник на наградата за книга на македонски јазик од странски автор.
Традиционалните награди „Мозаик“ за достигнувањана странски автори им беа доделени на писателите: Виктор Радун Теон од Србија, Катја Ерменкова од Бугарија и Звонко Танески од Словачка. Беше претставена изложба на Симонида Филипова Китановска – професионален уметник и член на ДЛУМ од 1988 г., а учесниците и гостите на манифестацијата уживаа во музички колажи на познати композиции во изведба на м-р Марија Шамоска Буџаковски (пијано) и проф. Светлана Богданоска Ристоски (флејта).
Активностите од вториот ден започнаа со посета на Ателјето Солак на ликовните уметници Љубица Мешкова Солак и Димитар Солаковски, а продолжија со настап на танцовиот клуб „Dance Expose“ – Битола, промоции и книжевни претставувања во Палатата на културата – Офицерски дом, при ЈОУ Културен и информативен центар – Битола. Најпрво беа промовирани двата најнови броеви на списанието за книжевност, уметност и култура „РАСТ“ чиј издавач е БКК, а чиј промотор беше проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, главен и одговорен уредник, како и списанието за книжевност и култура на српски јазик „Слово љубве“ (часопис за книжевност и културу, ИЦ Слово љубве – Букви букс) кое го промовираше Гордана Јовиќ-Стојковска, главен и одговорен уредник. Следуваа промоции на најновите изданија на членови на БКК. Книгата „Убавите жени“ од Зоран Пејковски јапромовираше д-р Лилјана Пандева, додека Елизабета Јончиќ ги промовираше книгите „Две Д“ од Милица Димитријовска-Радевска и „Политики на стравот“ од Славица Гаџова Свидерска. Проф. д-р Златко Жоглев јапромовираше книгата „Книжевни осврти“ од Елизабета Јончиќ.
На третиот ден од манифестацијата беше посетен Националниот парк „Пелистер“ и Историската патека од Првата Светска Војна 1914-1918, а во хотел „Молика“ беше реализирана активноста „Кафе и песна“. На крајот на манифестацијата на сите учесници им беа доделени сертификати за учество.