Home » „Поема на атомите“ на Благојче Петровски пред битолската публика

„Поема на атомите“ на Благојче Петровски пред битолската публика

by culturalchat

Во Офицерскиот дом во Битола, пред голем број на љубители на ликовната уметност,  беше отворена изложбата “Поема на атомите“ на Благојче Петровски . На изложбата беа претставени 50-тина дела.

За истата и делата на Петровски зборуваше и историчарот на уметност, графичарот, ликовниот критичар Владо Ѓорески кој истакна:

„ Целокупната меморија на универзумот е запишана во нашите срца, а нашето срце ја испраќа во вселената. Тое всушност софизмот, од каде што почнува Благојче, тоа е сликарството кое зборува за меморијата на срцето на човекот, не како темно петно, туку како светла точка на една изгубена земја. Неговиот циклус е всушност една голема ода на паметењето на срцето, една голема ода на чуствувањето на светот на начин кој е многу далеку од она што денес ни се случува. Неговата порака е суптилна, мистична многу значајна. Неговите слики не содржат форми кои се површни, туку содржат одредена мисла, која според Јунг е паметење на универзумот. Тоа значи дека со нашите животи управува универзумот, а не авторитетот на човекот. Оваа изложба е еден вид патоказ дека уметноста која е во длабока криза поради својата формалност, поради својот екоцентризам, поради својата истрошеност, но, и порака дека сепак има некаква смисла и дека таа смисла останува некаде забележана, како меморија и ќе остане како светлина ѕвезда“.

Авторот Петровски се заблагодари на организаторите и присутните и истакна дека изложбата ја подготвувал од крајот 2022 година. Рече дека битолската публика знае да го цени и да го почитува уметничкиот израз, имајќи толку богато културно наследство кое секако влијае на вкусот како важен дел од идентитететот на битолчани.

За изложбата истакна дека е инспирирана од древната поезија на Руми, легендарниот поет и мистик од 13 век.

„ Во времето кога фреквенциите на стрес и негативните енергии преовладуваат, кај сите нас на различен начин се појавува потребата за извор на нивно прочистување и обнова. Точно таа потреба најде израз во овие дела на оваа изложба насловена како „Поема на атомите“ кои верувам и се надевам дека придонесуваат кон ако не прочистување тогаш барем амортизирање на нашето секојдневие“, додава Петровски.

Делата на Петровски за прв пат беа изложени на 10. декември во галеријата „Ко-ра“ во Скопје во рамките на заедничкиот настан со оперската пејачка Биљана Бајевска посветен на арии и дуети од операта „Травијата“, потоа изложбата беше презентирана и во Кавадарци во домот на културата „Иван Мазов – Климе“.

Благојче Петровски е роден во Битола. Сликарски твори последните триесетина години, најмногу во сферата на иконографијата и во сферата на сопствените размислувања и интерпретации на темите, естетиката и импресиите на повеќеслојните состојби во кои постои. Учесник е на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и надвор од земјата од периодот од 1997 па се до денес. Беше дел од групата која го сликаше прекрасниот фрескоживопис на црквата СВ. Димитрија во Кавадарци .

 

Related Articles