Home » Повеќе настани во Битолската библиотека по повод 80.годишниот јубилеј

Повеќе настани во Битолската библиотека по повод 80.годишниот јубилеј

by culturalchat

Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, јубилејот 80 години постоење ќе го одбележи со низа програмски активности и институционална промоција во државата и странство. На прес-конференција во библиотеката, директорката Емилија Стефановска Давкова истакна дека имаат неколку стратешки цели во промовирањето и полуларизацијата на книгата и културата.

„Битолската библиотека, со статус на национална и универзитетска е во досегашното осумдесетгодишно постење, без никаква скромност една од најважните културни институции во државата. Во оваа прилика, сакам да акцентирам неколку моменти од нашата визија за иднината на Библиотеката, која секако првенствено се темели на традицијата, но понатаму силно ќе се вложиме и во модернизирањето на сите аспекти на нејзиното сеопфатно функционирање“, истакна Стефановска Давкова.

Едни од поставените цели се и пристап за идните генерации, да се даде можност на сите истражувачки заедници посебно за подобрување на економската и социјалната компонента во општеството, да се збогати културниот живот на нашата нација и да се овозможат услови за зголемување на базата на знаење и базата на податоци. Во оваа насока се и одобрените годишни проекти од Министерството за култура. Развојната програма е креирана пред се кон зголемување на соработката со студентите со намера да се зголеми бројот на истите.

„Посебен акцент јас ставам на зголемување на бројот на студенти , којшто изминативе години драстично опаднал на поразителен број од само 133 корисници-студенти , па во овај поглед, ние моментално вршиме набавка на научна и стручна литература, како на македонски, така и на англиски јазик и општо, странска литература којашто е неопходна за студентите најпрво од нашиот Универзитет „Св. Климент Охридски“-Битола, а потоа и од другите универзитети од нашето опкружување“, додава Стефановска Давкова.

Со одобрените средства од Министерство за култура и туризам кои оваа година се зголемени на 700 000 денари, се врши набавка и на најбараната литература од жанрот белетристика.

„Почнувајќи од нашата примарна дејност, збогатување на библиотечниот фонд, нашето внимание ќе биде насочено, кон дигитализација на библиотечниот материјал – што значи зачувување на збирка ракописи од роднокрајни писатели и стари раритетни книги, изработка на Монографии и ретки публикации од нашиот книжевен фонд, Библиографии на познати личности за Битола и битолско , како што е сега во тек изработката на библиографијата за Вера Стојчевска-Антиќ и Александар Стерјовски, за коишто исто така, добивме средства од Министерство за Култура и Туризам. Тука сакам да истакнам дека во овој прв месец од мојот мандат како директор, јас сум автор,уредник и преведувач, заедно со мојот тим од неколку вработени како составувачи, на публикацијата која е насловена: „НУУБ Св. Климент Охридски-Битола од 1945 година до денес“ којашто ќе биде посебно промовирана на прославата на Јубилејот 80 години од постоењето на Библиотеката“, рече директорката.

Оваа национална установа им нуди можности за стручно и професионо усовршување на кадарот преку обуки, учество на семинари на домашни и странски конференции. Во овој дел посебно внимание е се обрне на Меѓународната соработка, како една од можностите за стекнување и размена на искуства во унапредувањето на стратешкиот развој на институцијата.
„Тука мора да се истакне и Светската организација на библиотеки-ИФЛА и одделни програми на Обединетите Нации како дел од големата АГЕНДА 2030, за имплементација на целите за одржлив развој и модернизирање на библиотеките. Во оваа област , годинава ќе се оствари билатерална соработка помеѓу: НУУБ „Св.Климент Охридски“- Битола и градската Универзитетска библиотека во Кемниц – Германија; Meѓународна соработка со националната библиотека во Рим – Италија, каде е планирано претставување на 30 изданија од НУУБ „Св.Климент Охридски “- Битола и изложба на репродукција на слики од најстарите библиотеки во Битола до денес и Меѓународна соработка со Националната библиотека во Валета-Малта“, беше истакнато на прес конференцијата. Особено внимание оваа година ќе се посвети и на инвестициското одржување, осигурување, адаптација и набавката на опрема. Развојниот дел од програмата продолжува со вложување во едукацијата на библиотекарите.

„Јас имам намера да ги активирам СИТЕ вработени без разлика во кој период се тие вработени. Се залагам за развој на оваа институција во целост, а тоа се прави исклучиво и само со вложување во самата институција, но и во сите вработени како дел од неа! Првата обука на вработените коишто ги немаат поминато како основни обуки за библиотечно работење ќе биде во септември 2025 година , на којашто ќе учествуваат вработените во институцијата“, рече Стефановска Давкова. НУУБ „Св.Климент Охридски“- Битола од 2000 година е целосно автоматизирана и е дел од COBBISS програмата, прва во Македонија заедно со други 17 библиотеки од Европа. COBBISS програмата постојано се надградува и сега се во COBBISS 3, a од почетокот на јули, 2025 година преминуваат во COBBISS 4, за што вработените мора да се обучуваат со цел да се зголеми ефикасноста и ефективноста во нивното работење и резултатот на целокупната институција. Дигиталната револуција е од фундаментално значење за поширок пристап на корисниците и зголемување на ефикасноста. Треба да се развие интердисциплинарен фокус, за кој е потребно креирање на виртуелна истражувачка база.

„На крајот сакам да го изразам моето силно уверување дека Библиотеката, со поддршката на сите вработени, успешно ќе чекори по патот на својата модернизација и осовременување, ќе продолжи да биде чувар на интелектуалната меморија, ќе остане културна ризница и ќе биде носител на значајни истражувачки акции и процеси, поддржувач и главен поттикнувач на културата во Битола и цела Македонија при тоа вклучувајќи ги сите категории читатели“, истакнува директорката. По повод 80 годишниот јубилеј во просториите на Библиотеката ќе бидат организирани повеќе настани и програма во текот на целата недела, од 17-ти до 20-ти март, а главниот настан, Свечената Академија е на 21-ви март во КИЦ-Офицерски Дом во Битола во 19:00 часот.

 

Related Articles