Home » Питер Бижу-добитник на Златна камера 300 за животно дело на 44.ИФФК „Браќа Манаки“

Питер Бижу-добитник на Златна камера 300 за животно дело на 44.ИФФК „Браќа Манаки“

by culturalchat

Питер Бижу е годинешниот лауреат,извонреден кинематографер, оскаровец и добитник на Златна камера 300 за животно дело на годинешното 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Роден на 8 август 1944 година во Бангор, Кернарвошир, во Велс , Обединето Кралство. Во градењето на неговата личност и, пред се’, како иден професионалец кинематографер, клучна улога има неговиот татко Леон Бижу (видлива е разликата на презимињата, Питер го има Biziou, а татко му Bijou и оттука веројатно произлегува и изговорот на презимето, Бижу).

Растејќи под грижата на својот самохран татко, кој бил кинематографер со специјалност во анимираниот филм, како што обично бидува – крушката под круша паѓа, па така и Питер зачекорува во светот на филмот, следејќи го татко му, од кого учел многу додека го придружувал во неговата работа. Базата за идното насочување ја добил како ученик во Лондон, во Paddington Secondary Technical School, а во натамошното барање на својот иден пат значајно искуство добива со ангажманот во студијата на компанијата во Soho Wardour Street во Лондон, каде се покажал како способен за разни студиски потреби. За неговото усовршување како иден самостоен снимател-кинематографер, најмногу му помогнал ангажманот во подготовките и осветлувањето на сетовите за снимање рекламни спотови и кратки филмови.

„Во мојата кариера работев сè. Бев и асистент на снимателот. Тоа ми помогна да се изградам себеси и да изградам самодоверба“, истакна Питер Бижу. Тој во Битола одржа мастерклас во киното „Манаки“, кое беше преполно со домашни и странски посетители, кои сакаа да поразговараат со него и да погледнат делови од легендарните „Мисисипи гори“, „Трумановото шоу“, „Во името на таткото“, „Штета“, „Пинк Флојд: Sидот“, „Животот на Брајан“, „Временски бандит“, „9 ½ недели“, „Ричард III“ и редица други антологиски филмски остварувања.

„ Во минатото снимав реклами. Запознав многу режисери во мојот живот. Имав среќа што не морав да прифатам да работам на филмови кои не ми се допаѓаа. Флексибилен бев во иборите кои ги правев. Инаку работев на повеќе позиции, бев асистент на снимателот. Сето тоа ми помогна да изградам самодоверба“, рече Бижу.
Во разговор со Најџел Волтерс, поранешниот претседател на Интернационалната федерација на кинематографери ИМАГО, Бижу кажа дека останал во контакт со компании, кои се занимаваат со снимање реклами.
„ Тоа е лојалност. Јас во животот не работев со режисери кои имаат големо его и кои имаат голема самобитност. Во исто време, имам потреба да верувам во сценариото, затоа што сметам дека морам да бидам во синергија со приказната“, истакна оскаровецот.
Посетителите имаа можност да погледнат сцени од легендарниот филм „Мисисипи гори“, од 1988 година.
„ Сценариото за овој филм има многу тешка тема. Знам дека е ова тежок филм, таков и беше замислено да биде. Овие моменти секој пат ми се тешки за гледање. Откако заврши снимањето на „Мисисипи гори“, ми беа потребни неколку недели за да закрепнам емотивно“, рече Бижу.
За овој филм тој доби оскар.
„ Прекрасно беше кога добив оскар за овој филм бидејќи не го очекував воопшто. Всушност не ни знаев дека е филмот номиниран, тоа беше огромно изненадување за мене кога ми соопштија. Добив оскар во Америка, а сум од Обединетото Кралство. Ова направи да работам уште повеќе“, рече оскаровецот.
Според него, многу е корисно, кога се снима голем филм, кинематограферот да има добар снимател.
„ Секогаш ги бираме луѓето со кои сакаме да работиме. За „Мисисипи гори“, работев со тројцата сниматели и претходно, па веќе се познававме. Многу е добро ако се познавате со режисерот и со снимателите, тогаш полесно соработувате. Едноставно е. Тоа е заедничко нешто“, додава Бижу.
Во плодната кариера на Бижу, специфична и визуелно разиграна е соработката со прославената актерско-сценаристичко-режисерка група „Монти Пајтон“ . Во 1979 година Бижу со нив го креира „Животот на Брајан“ , бурлескна комедија/пародија за животот на Исус од Назарет.

Од соработката со Пајтоновците во 1981 година се раѓа визуелно поефектниот и жанровски поразиграниот филм „Временски бандити“, во режија на Тери Гилијам, кој заедно со Мајкл Палин е косценарист. Во кастингот, покрај другите Пајтоновци, се појавуваат и Шон Конери и Шели Дувал. Благодарејќи на најголемиот анфан терибл во Пајтоновската група, сценаристот и режисер Гилијам, експертот за посебни ефекти и анимација, единствениот Американец меѓу откачените Англичани, Бижу можел да најде одраз во изразот и градењето на фантастичното патување низ времето и просторот, што е секако најподатливо за опуштање и поголема слобода на еден кинематографер.

Бижу соработувал со уште еден лауреат на Манаки фестивалот, истакнатиот англиски актер Чарлс Денс, добитник на Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност во 2004 година, кога Денс како режисер го потпишува филмот „Дами во лаванда“ со двете големи актерски дами на англиското глумиште, ветеранките Џуди Денч и Меги Смит.

Многумина од гостите во публиката беа импресионирани што имаа чест и можност да зборуваат со големо име како Питер Бижу. Во однос на тоа, како тој работи во однос на осветлувањето додека снимал, тој кажа дека се трудел да работи што поедноставно.
„ Кога го читам сценариото и ми се допаѓа, тогаш разговарам со режисерот. Едноставноста е најлесна и најдобра“, рече тој.
Публиката исто така погледна сцени од филмовите „Ричард III“ и „Трумановото шоу“. Тој кажа дека целиот сет бил во Њујорк и дека на филмот екипата работела една година.
„ Специјалните ефекти и анимации ми помогнаа да го остварам тоа што го замислував, додаде Бижу, кој кажа дека е пензиониран пред многу години и дека поради тоа не знае многу за новите технологии, но оцени дека е добро тоа што технологијата овозможува истата да се користи во се покреативни цели“.
Бижу има работено со бројни звучни режисерски имиња од светот на филмот како Алан Паркер, со кого се закитија со Оскар во 1988. за драмата „Мисисипи гори“ со актерскиот тандем Џин Хекман и Вилем Дефо, а со Џим Шеридан, Питер Вир и Луј Мал ги снимија антологиските филмови „Во името на таткото“ со Дениел Деј Луис, „Трумановото шоу“ со Џим Кери и „Штета“ со Џереми Ајронс и Жилиет Бинош.
Тандемската соработка меѓу Бижу и Паркер започна во 1976. година со филмот „Багзи Мелоун“, кога беше лансиран талентот на подоцнежната актерска sвезда Џоди Фостер, а заедно работеа и на антологиското дело од 1982. „Пинк Флојд: Sидот“.

„Станувањето на Питер Бижу нов член во Клубот на великаните на фестивалот „Браќа Манаки“е конечно остварување на дамнешната желба да го наградиме со заслужената Златна камера 300 за животен опус и да се радуваме на нашата средба со него во Битола и на неговиот лауреатски мастерклас“, истакна Благоја Куновски-Доре.

 

Related Articles