Со концертот на триото „30 прсти“, Македонскиот културен центар во Истанбул официјално ја отвори концертната сезона за 2026 година.
„Искрена благодарност до извонредните македонски уметници Марија Вршкова, Весна Ангелова Христов и Петар Макариевски за инспиративната вечер и врвната изведба“, истакнуваат од Културниот центар.
Овој уникатен состав од три пијанисти на еден клавир, понуди ретко и впечатливо музичко доживување, каде синхронизацијата и заедничкиот звук создадоа посебна енергија на сцената. Како дел од програмата беа изведени дела од Роберт Шуман, Корепанова, Ф. Иванов, М. Шмиц, Р. Рамазанов, Стив Рајх, Д. Букувалас, Б. Илин и Д. Темков.
Особено значајно е што програмата вклучи дела од македонски композитори, што претставува важна промоција на современата македонската музика пред меѓународната публика.
Партнери за настанот беа: Ерменската католичка црква „Сурп Левон“ и Асоцијацијата на Истанбулската филхармонија. Бројната истанбулска публика, со своето присуство ја исполни салата и ја направи оваа вечер навистина посебна.
Фотогалерија: Невџат Јилдиран

