На 21 март, ден прогласен од УНЕСКО во 1999 година, НУУБ Битола се потсети на важноста на поезијата како средство за зачувување на јазичната разновидност и културниот идентитет. Токму затоа, не случајно, библиотеката беше местото каде се одбележа овој значаен ден – простор каде зборот живее и се пренесува од генерација на генерација.
Настанот го отвори директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска Давкова, која ја истакна важноста на поезијата како мост меѓу луѓето и културите. Посебен впечаток остави драматизацијата „Од тишина до глас“, подготвена од учениците од СОЕУ „Јане Сандански“ – Битола, под менторство на професорката Лидија Анастасовска. Со силна сценска изведба, поетски израз и искрени пораки, учениците нè поведоа низ едно длабоко уметничко патување – од премолчено кон изговорено, од тишина кон глас.
Програмата беше збогатена и со музичките настапи на Леон Дојчиновски и Димеска Теона од Државното музичко училиште – Битола, кои преку музиката ни пренесоа емоции што зборовите понекогаш не можат целосно да ги искажат. „Упатуваме искрена благодарност до Државното музичко училиште – Битола и до директорката Марија Шамоска Буџаковски за поддршката и придонесот во реализацијата на овој настан“, истакнаа од Библиотеката.
Со свои стихови настапија и поетите: Светлана Папачек, Михајло Свидерски, Лили Бошевска, Никола Ристевски, Аница Златевска, Мирјана Стојановска, Катерина Момева и Марија Трифуновска Тасевска – збогатувајќи го настанот со мисли што допираат и чувства што се паметат.
„Им благодариме на сите учесници и посетители што беа дел од ова прекрасно поетско доживување. Нека поезијата продолжи да нè поврзува, инспирира и потсетува на моќта на зборот“, додаваат од Библиотеката.




