Home » Одбележан роденденот на хорот Битвокс

Одбележан роденденот на хорот Битвокс

by culturalchat

Во полната сала на КИЦ Офицерски дом-Битола, се одржа првиот роденденски концерт на хорот БИТВОКС на школата Korunovska music &singing. Музика за душа, музика од душа на прекрасните гласови на хористите, но и нивните наследници кои беа гости на концертот Тин поп рок хорот.

Водени од професионалниот ангажман на бендот составен од професори, но и ученици музичари, со оригинални аранжмани направени од  неуморниот и бескрајно креативен дух на  професорката Александра Ристовска, а под музичко раководство на диригентката Марина Коруновска, срцата на присутните пулсираа во ритамот на Billi Jean, Carrie, Zombie, Ајде да летаме, Круг, Строубери, Money, money, Аquarius за бис и многу други кои не ја оставија рамнодушна публиката, па и таа како да беше дел од Битвокс.

Неизмерна љубов и енергија беше вложена во подготовка на  едни од најубавите песни во поп рок жанрот , со примеси на гранџ, алтернативен рок, но со посебен аранжмански шмек, звукот на сите декади од поновата музичка историја провејуваше низ воздухот.

„Битола е музички град, кој негува секаков вид на музика. Нашата идеја беше да донесеме освежување и на хорската и на поп-рок сцената воопшто. Мислам дека “Битвокс” е една успешна симбиоза“, изјави  диригентката Коруновска.

Оние кои некогаш макар и за кратко биле дел од хор, знаат што значи заедничкото музицирање, енергијата која се создава и пред се, дружењето за време на самите проби и концерти, кое е тешко да се опише со збор додека не се почувствува. Во Битвокс може да членува секој кој што има желба за пеење и основна музикалност.

Околу идејата за формирање на хорот пред точно една година таа рече:

„ Идејата потекнува одамна, уште пред пандемијата, но чекавме да се создадат услови за да може да се реализира. Во месец декември 2021г.во школата Korunovska music &singing ни се приклучи познатиот рок пејач и гитарист од нашиот град, Михајло Трајковски,  кој ни даде дополнителен стимул да ја реализираме идејата. Веднаш после Нова година се мобилизиравме со подготовки и осмислување на проектот, направивме аудиција и во месец март 2022г. хорот започна со работа“.

На репертоарот се наоѓаат поп рок песни од англиско, македонско и српско говорно подрачје, а во план се репертоарот да биде збогатен и со хрватски, германски, италијански, шпански песни. При изборот на песни пред сé се водат од квалитетот на музиката, можноста да се направи добар аранжман на истата, па потоа доаѓа разновидноста во однос на јазикот.

„Во хорот може да членува секој кој што има желба за пеење и основна музикалност, која ја проверуваме преку кратка аудиција. Кандидатите не мора да имаат познавање на музичка нотација, затоа што аранжманите се наши, се прават спонтано, тековно во рамките на пробите, без нотни партитури“ додава Коруновска.

Таа е директор на центарот за музичка едукација Korunovska singing & music, ( Детски хор “Ѕвончиња”, “ТEEN Ѕвончиња”, Камерен хор “ Мелодиум”, Хор при словенечкото здружение “Триглав”, Поп – Рок хор за возрасни BITVOX) .  Освен што бележи бројни настапи како солист, посветена е и на педагошката дејност и  е професор по соло пеење во Државно музичко училиште – Битола. Нејзините ученици се студенти во престижни факултети во Виена-Австрија, Букурешт- Романија,  а некои од нив веќе се и на големите сцени во Германија.

Позитивни, е малку да се каже за реакциите на публиката на концертот во Офицерскиот дом,  Музичко уживање за сите генерации. Ако судиме по реакциите од роденденскиот концерт на Битвокс, Битола и Македонија ја очекува незаборавно и оригинално хорско музичко патување во иднина, на музичката сцена.

Среќен роденден Битвокс.

Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски

 

Related Articles