Home » Одбележана 100-годишнината од смртта на Крсте Мисирков во Македонскиот КИЦ во Софија

Одбележана 100-годишнината од смртта на Крсте Мисирков во Македонскиот КИЦ во Софија

by culturalchat

Во Македонскиот КИЦ во Софија беше организирано достоинственото одбележување на 100-годишнината од упокојувањето на Крсте Мисирков – една од најзначајните личности во македонската национална, културна и јазична историја. Особено радува фактот што интересот за овој настан беше исклучително голем. Просторот на Македонскиот КИЦ во Софија беше исполнет, што уште еднаш потврди дека темите поврзани со македонската историја, јазик и култура предизвикуваат силен интерес и имаат свое значајно место во јавниот простор. „Македонците во Бугарија, како и бугарската јавност, имаа можност да научат и да сознаат многу повеќе за животот, делото и историското значење на Крсте Мисирков, како и за неговиот немерлив придонес во афирмацијата на македонскиот јазик, култура и национална мисла. Овој настан претставуваше силна афирмација на историската меморија, културното наследство и трајните вредности врз кои се темели македонскиот национален идентитет“, истакна директорот на Македонскиот КИЦ во Софија и дипломатскиот советник, м-р Зоран Пејковски.Во рамките на програмата се одржа предавањето „Поетиката на националната идеја: книжевна интерпретација на „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков“, на кое проф. д-р Анита Ангелевска, понуди длабока книжевно-научна анализа на капиталното дело на Мисирков. Нејзините излагања ги осветлија поетичките, културолошките и националните димензии на неговата мисла, потврдувајќи ја неговата историска и современа важност. Особено значаен дел од програмата беше прикажувањето на краткиот документарен филм посветен на Крсте Мисирков, кој, врз основа на автентични историски извори и документи, го претставува неговиот живот, неговата дејност и неговото јасно и недвосмислено самоопределување како Македонец. Во продолжението, преку аргументирана презентација, беа изнесени бројни историски, книжевни и лингвистички факти за континуитетот и развојот на македонскиот јазик, како и за неговото значајно место во европската и светската културна традиција. На достоинствен, научно заснован и одговорен начин беше афирмирана историската и културната посебност на македонскиот народ, при што беа презентирани релевантни извори, документи и факти што сведочат за богатото македонско духовно и јазично наследство. Македонскиот КИЦ во Софија и понатаму ќе остане посветен на промовирањето на македонското културно наследство, зачувувањето на историската меморија и афирмацијата на македонскиот јазик, литература и духовни вредности преку аргументиран, достоинствен и современ културен дијалог. Овој настан уште еднаш потврди дека Македонскиот КИЦ во Софија денес има една од најзначајните улоги во промовирањето на македонската култура, јазик и историска меморија. Преку научно засновани, културни и образовни содржини, Македонскиот КИЦ во Софија, придонесува за расветлување на бројни историски, културни и национални факти за македонското минато, создавајќи простор за знаење, разбирање и дијалог.

„Токму преку негувањето на историската вистина и културното наследство, Македонскиот КИЦ во Софија не само што го чува минатото, туку одговорно ја гради иднината на македонската културна дипломатија и националната самосвест. Вечната мисла на Крсте Мисирков продолжува да нè обврзува да го чуваме, негуваме и достоинствено да го претставуваме она што е највредно – македонскиот јазик, македонската култура и македонскиот национален идентитет“, додава Пејковски.

 

 

Related Articles