Младите и талентирани битолчани, Ана Ванчевска и Алексеј Ивановски со одличен настап ја развеселија публиката на детската Евровизија. Тие настапија со песната „Маратон“ на сцената во Мадрид и освоија многу симпатии.И двајцата се ученици во Државното музичко училиште Битола. Ана изучува виолина во класата на проф.Оливера Гемту, а Алексеј е во класата на проф.Маја Митровска и изучува соло пеење. По тој повод ние разговаравме со нивните професори и директорката на музичкото училиште.„Државното музичко училиште – Битола од секогаш било училиште од највисок ранг во кое учеле значајни музички имиња кои не претставувале во државава и надвор од неа. После овогодинешниот Јуниорски Евровросонг и нашите ученици Ана и Алексеј ги испишаа своите имиња во тој список. Училиштето е гордо на нивниот талент и нивниот настап кој што беше одличен и со кој уште еднаш го оправдаа реномето на нашата институција. Државното музичко училиште и професорите кои работат во него им честитаат на овие две прекрасни деца. Тие секогаш ја даваат својата поддршка за ваквите млади таленти бидејќи тие се одраз на нашата работа, се надеваат на нивни голем успех и во иднина, како и за уште многу поводи за навивање и бодрење“, истакнува директорката Марија Шамоска Буџаковски.За професорката Маја Митровска, настапот на Ана и Алексеј на Детската Евровизија беше голема радост за сите.
“Маратон” беше гордост за Државно музичко училиште – Битола, за ОУ Даме Груев од Битола, за Општина Битола, за Македонија воопшто. Ако зборувам како наставник по соло пеење на Алексеј, би кажала дека на часовите ја негуваме класичната музика, а таа се покажа како добра подлога и за естрадното пеење. Тој не пропушта час, брзо учи и одлично се справува со предизвиците. Но, би било нечесно, неговата успешност да ја препишам на себе, затоа што Алексеј поседува одличен вокал, кој плени со кадифена боја и голема емоционалност. Тоа е дарба. Би додала дека заслугата беше негова. Тој одлично соработуваше со тимот на продукцијата одговорна за Детска Евровизија. Секако дека од мене имаше безрезервна поддршка, верував во одличен настап и достојно претставување на Македонија. Крајните резултати од рангирањето за мене беа безначајни, затоа што, големината е во тоа да се застане на таа огромна сцена, пред бројна публика. Освен како одличен пејач, Алексеј е и одличен другар и добро воспитано и културно дете, тој е омилен во мојата класа по соло пеење. Сите го сакаат и му се радуваат“.„ Ана е ученик како што посакува секој наставник.Таа веќе 9 години изучува виолина и морам да кажам дека е многу сполнителна,одговорна,и дружељублива. Меѓутоа, најголема доблест е нејзината скромност.Никој од нас не ни знаеше дека Ана ќе настапува на Сан Ремо се до оној момент додека не видовме по социјалните мрежи. Што се однесува до евровизијата, мислам дека немаше битолчанец што не беше горд на нашите деца Ана и Алексеј…Тие доста квалитетно ја претставија нашата земја знаејќи колку е само тешко да застанеш на една таква сцена.Имаа навистина одговорна задача, но тие без проблем ги совладаа сите предизвици.Сега после цела евровизиска еуфорија, со Ана продолжуваме со концертите предвидени од ДМУ. Оваа ни е последна година со Ана и морам да кажам дека искрено ќе ми недостасуваат часовите со неа и со нејзините соученички Софија и Јустина со кои си беа прекрасно трио. Иако Ана не се одлучи да го продолжи своето музичко образование во ДМУ, музиката секогаш ќе биде важен дел во нејзиниот живот“, истакнува проф.Оливера Гемту.
Инаку Ана беше единствениот македонски претставник на престижниот фестивал „Санремо Јуниор 2024“ во Италија. Таа од своите 5 години настапува на детски музички фестивали. Нејзината вокална подготовка за детскиот Евросонг беше под раководство на проф. Марина Коруновска од училиштето Korunovska music and singing.„ Како вокален педагог, ова за мене е повеќе од успех – ова е еден од оние ретки моменти што го исполнуваат срцето со гордост и душата со неизмерна радост. Да се види како твоја ученичка, прв пат од Битола, ја претставува Македонија на Детската Евровизија е чувство кое ги надминува зборовите. Тоа е врв на посветеноста, трудот и љубовта кон музиката. Во моите 20 години педагошка работа сум имала чест да работам со многу ученици и да доживеам бројни значајни успеси. Секој од нив носи своја убавина и значење, но овој момент е посебен. Ова не е само музички успех, ова е сведоштво за тоа што значат соништата, трудот и непоколебливата верба – во себе и во децата“.
Запрашавме, каков ученик е Ана?
„Ана е вистинска реткост! Не само како млад музичар кој се изградува со огромна љубов кон музиката, туку и како личност со карактер што плени. Таа е совршен спој на природен талент, трудољубивост и оној неодолив шарм кој ве освојува во истиот момент кога ќе ја запознаете. Штом ќе запее, времето како да застанува – нејзиниот глас ве носи во некој сосема друг свет, полн со емоции и убавина. Она што ја прави Ана уште пофасцинантна е нејзината способност да балансира сè: часови по пеење, училишни обврски, учење француски и свирење на виолина. И успева во сето тоа со леснотија што само таа ја поседува. Често се шегувам дека Ана не е обична девојка, туку вистински супер-херој – со микрофонот како нејзино најсилно оружје и песната како нејзината суперсила. Таа е инспирација не само за мене како професор, туку и за сите што имаат чест да ја познаваат. Подготовките беа вистинска авантура, исполнета со секојдневна работа, предизвици и моменти што ќе ги паметам засекогаш. Вокалната подготовка за овој голем предизвик беше долга и посветена, патување низ кое секој ден беше нова лекција. Но, секојпат кога нешто не излегуваше, и самата Ана знаеше да внесе хумор: „Не се секирајте, ќе се поправам на Евровизија. Работевме на основите – правилна дикција, чиста интонација и контрола на воздухот – нешта што изгледаат едноставни, но стануваат вистинска уметност кога треба да се изведат на светска сцена. Имаше денови кога Ана се враќаше од Скопје преморена, но и тогаш вежбавме – понекогаш само 30 минути, но секогаш посветено. Нејзината упорност беше неверојатна – никогаш не рече „доволно е“ или „не можам“. Ниту заморот, ниту патувањата не ја спречија да даде сè од себе… Кога беше во Мадрид, нашата посветеност не застана – правевме онлајн распевања, работевме на сценскиот израз, зборувавме за справување со тремата и секогаш се потсетувавме на целта: да ја раскаже приказната на песната со секој тон. Ана, покажа неверојатна дисциплина, упорност и зрелост. Процесот беше како создавање ремек-дело, еден слој по друг, со многу љубов и посветеност. И кога конечно ја видов на сцената, како блеска со својот глас и израз, знаев дека сето тоа вредеше – секој час, секој совет, секој здив. Ана и Алексеј со својата песна не само што ја освоија публиката, туку ги пленија и нашите срца. Деца, БРАВО“.За крај да се потсетиме на песната „Маратон“.