Актерот Тони Наумовски ја доби Наградата за најдобар актер за филмот „Лена и Владимир“, на 50-годишнината од престижниот филмски фестивал посветен на актерите „Мојковачка филмска Јесен“, во живописниот град Мојковац, Црна Гора.
„Посебна благодарност до уметничкиот директор на фестивалот, Радослав Т. Станишиќ, и директорката на Културниот центар, Зорица Манојловиќ, кои ги вложија своите срце и душа за да го направат овој фестивал настан од светска класа. Да бидам вклучен на листата на победници меѓу легендарните имиња на југословенската ѕвездена кинематографија е најскромниот и најблагодарен момент во мојот живот во глумата. Љубовта, страста, визијата и потребата за филм нè прават едно тело, една душа“, изјави Наумовски.
Филмот „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов минатата година освои повеќе од 15 награди на фестивали низ САД, дури четири награди од жирито на Red Brick Road Film Festival во Оклахома, САД. Филмот е прогласен за најдобар, а е награден и за најдобра кинематографија (Душан Кардалевски), најдобар спореден актер (Петар Мирчевски) и најдобар актер (Тони Наумовски), престижната награда од жирито за најдобар филм на 19-тиот Универзален филмски фестивал во Канзас Сити, наградата за најдобар машки актер на престижниот „Инди филм фестивал авордс“ (Indie Film Festival Awards) во Њујорк. Тука се и наградите: „Голема повелба на Леотар“ на Филмскиот фестивал што се одржа во Требиње, Босна и Херцеговина, две награди на филмскиот фестивал во Нови Сад: Награда на публиката и Специјално признание. Сценариото за филмот е на Александар Русјаков, а играат: Тони Наумовски, Сара Климоска, Дениз Абдула, Петар Мирчевски, Благоја Чоревски, Петре Арсовски. Судбината спојува двајца бегалци, Владимир, 40-годишен маж кој ја изгубил сета своја љубов, и Лена, 16-годишна девојка која никогаш немала љубов. Тие си помагаат еден на друг да ја откријат љубовта кон животот.

