КУД. Илинден Битола, беше награден со „сребрена секира“ на 54. Меѓународен фолклорен фестивал во Закопане, Полска. Во неколку дневната турнеја го презентираa македонскиот фолклор, за што беa соодветно рангирани и оценувани.
„Голема благодарност и на одговорната за фестивалот Хана Рибка и градоначалникот Лезек Дорула на Закопане за големото гостопримство. Исто така голема благодарност и до нашиот пријател кој со текот на годините и соработката, веќе е и член на нашето друштво, господинот Јурек Дјаковски. Нека сребрената секира биде поттик и мотивација за сите членови на друштвото, и што поголема успешност во обврските кои им претстојат. КУД Илинден Битола, горд на своето минато со светла иднина“, ни изјавија од КУД.Илинден.
Неодамна на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ КУД Илинден, доби специјално признание за фестивалска изведба на музичко-сценскиот перформанс „120 години Илинденско востание“.
Изминаа повеќе од 68 години, откако КУД.Илинден започна да ја чува, негува и да ја шири нашата традиција. Низ сите тие години светот се менуваше околу нас, но Илинден секогаш го чувал највредното, македонската традиција.
КУД.Илинден се амбасадори на македонскиот фолклор и традиција насекаде низ светот, добитници се на престижни награди и признанија, меѓу кои Гран при во Монт Дор Франција, прво место на еден од најреномираните фолклорни фестивали во светот, Велика Британија, како и највисокото признание на Битола-наградата 4 ти ноември и други.
Во далечната 1955 година официјално е земено името Илинден за ова друштво, иако како фолклорна група постои и неколку години пред тоа. КУД Илинден во текот на своето постоење, ги освои сите светски меридијани и светски сцени, пренесувајќи го македонскиот фолклор. Илинден е изворот од кој се пие првата голтка љубов кон народната култура. Секоја година КУД. Илинден бележи од 40 до 100 настапи. Карактеристична е богата колекција на оригинални носии. Ова културно уметничко друштво , над 6 децении ја изучува и оживува македонската фолклорна традиција, чувар на традицијата и амбасадор на битолската и македонската народна култура ширум светот.
На сцената на фолклорниот фестивал во Закопане, Полска, гордо се вееше македонското знаме, а спомените од уште еден успешен настап на КУД.Илинден надвор од Македонија, уште долго ќе се паметат и прераскажуваат.