Во рамките на битолското културно лето БИТ ФЕСТ, во културниот центар Магаза беше отворена годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници од Битола.
На истата беа презентирани педесет и шест дела, слики, графики (во техника сува игла и дигитална графика) и скулптура (релјеф) од четириесет и еден автор од Битола, како и од други македонски градови.
„Изложбата, на тој начин, доби во својата стилска разновидност и свежина што е карактеристично за делата изработени во 2021-2022 година од автори кои припаѓаат на помладите генерации, што е нормален процес на промена со текот на времето“, изјави Нела Петровска, претседател на ДЛУБ.
Стилскиот дијапазон на определувања ја опфаќа апстракцијата, знаковното сликарство и графика, разните видови пејзажи, творби со белези на надреалност и фантастика, како и неколку видови фигурација со примери на психолошки осмислено портретно сликарство.
И оваа година беше доделена наградата за најдобро ликовно остварување ,, Борислав Траиковски”, познат сликар експресионист, клучно име на битолската ликовна група ВДИСТ од 1955 година. Оваа награда се доделува од 2007 година како признание за уметникот Борислав Траиковски, избран за прв претседател на ДЛУБ. Членовите на комисијата, во состав Владимир Величковски, Лилјана Христова и Никола Главинче имаа можност да го одберат најдоброто ликовно остварување од годинашнава изложба на ДЛУБ.
Комисијата едногласно одлучи оваа година наградата ,,Борислав Траиковски’’ да му ја додели на ликовниот уметник Сашо Блажески. Тој ја доби наградата за делото насловено ,,Бејкон” од 2022 година. Портретот е насликан во техника масло на платно и содржи некои од суштествените карактеристики на неговото творештво.
Творечката биографија на Сашо Блажески, која го опфаќа и портретниот жанр е потврдена со делата почнувајќи од 2007 година во земјата и светот.Општата карактеристика на неговите графики и цртежи, изработени во комбинирани техники како и на сликарството се состои во сложени композиции со необична поврзаност на апстрактните и фигуративни мотиви, во кои се проткајуваат експресивни колоритни и надреално- фантастични белези.
Автори на изложбата: Душан Шешиќ. Димитар Димитров, Синиша Кашавелски, Матеј Богдановски, Васко Ѓоргиев, Владимир Младеноски, Маја Ковачевска, Дурмиш Ќазим, Ване Костуранов, Валентина Илијевска, Вангел Крстиновски, Стеван Цигаридов, Петар Кирановски, Игор Стаменковиќ, Стефан Анчевски, Тони Попов, Панде Петровски, Вано Кеков, Елена Ѓорѓиевска, Дејан Макаријоски, Андријана Мациев, Анастасија Петрова-Мушовска , Динко Ненов, Кирил Т. Константин, Илија Маџаров, Стефан Малбашиќ, Ленче Крстеска Јагоридовска, Сашо Блажески, Бојана Артиновска, Димитри Балојани, Слободан Рајчевски, Владимир Илиевски, Александар Поповски (Цанче), Роберт Михајловски, Оливера Лазаревска, Александар Поповски, Татјана Манева Гости на изложбата Решат Амети, Љупка Галазка Василев , Славица Милева, Лара Ташковска Ларсон.
Друштвото на ликовни уметници на Битола (формирано пред 48 години) има значаен удел за развој и афирмација на ликовната уметност во Битола, град со богата културна и уметничка традиција. Друштвото во сите тие години организира групни и самостојни изложби, ликовни настани како и архивирање на ликовни материјали.
Изложбата ќе трае до 28 јули, а може да се посети во работни денови од 9 до 16 часот, а во сабота до 14 часот.