Во чест на Тоше, секоја година неговите фанови од сите страни на Балканот му оддават почит и доаѓаат во Крушево или организираат манифестации посветени за него. Со солзи во очите и многу емоции се сеќаваат на Тоше, ги пеат неговите песни, раскажуваат за спомените што ги врзуваат за големата музичка ѕвезда.
Нова Градишка и Туристичкaта заедница, Заедницата на македонците и Македонската амбасада, и оваа година го одбележаа денот кога загина Тоше, пејачот кој го поврза регионот со музиката и уметноста и засекогаш ги обедини Хрватска и Македонија, Нова Градишка и родното Крушево. Организираа традиционална дводневна меморијална средба
Во чест на Тоше се одржува и велосипедски маратон од Нова Градишка, маратонците трчаат од Нова Градишка до Крушево во негов спомен, ракометните ветерани се среќаваат во Нова Градишка и Македонија. Солидна соработка со мини фудбалскиот клуб во Македонија остварија и фудбалерите на хрватскиот мини-фудбалски клуб Нова Градишка.Во близина на Електротехничкото и Економското училиште поставен е споменик на Тоше, а секоја година се оддава почит со молитва, едноминутно молчење и положување венци.
На церемонијата на положување венци и испраќање на маратонците и годинава имапе претставници на Македонија, и тоа: амбасадорот на Македонија во Република Хрватска, Милаим Фетаи, градоначалникот на Крушево Томе Христоски, заменик градоначалникот на Нова Градишка Борислав Видошиќ, во име на фан клубот на Тоше, прустна беше Стела Прислан Фуис, како и Тереза Гргиќ докторката која тоа кобно утро го прими Тоше во болницата во Нова Градишка и која имаше голема улога во организирањето на погребот на Тоше. Тука беа и претставниците на МКД Браќа Миладиновци од Осиек.
Маратонците ја посетија македонската православна црква „Света Злата Мегленска“ каде ги пречека отец Кирко Велински. Со црвени рози и многу сеќавања крушевчани денес на пладне ги пречекаа маратонците кои трчаа до Гумење во Крушево во чест на нашата и балканска музичка ѕвезда, Тоше Проески.
Маратонците своето трчање го почнаа во Нова Градишка. Спомен-куќата на Тоше на Гумење ги пречека бројните посетители и фанови кои и годинава ги има од сите краишта.
„ 16 октомври е ден кој носи многу тага, солзи и неверување за сите кои го познававме, го сакавме и се уште го почитуваме. Во Спомен-куќата беше претставена Тактилната изложба на музејски предмети, со објаснување со Брајовото писмо. На овој начин на денот кога пред суровата реалност затвораме очи пред фактот дека Тоше го нема, заедно со слепите лица ќе имаме можност да ги допреме, тактилно, неговиот лик, неговиот манастир, неговите гитари и многу други музејски предмети, дел од поставката во Спомен-куќата“, рече директорката на Спомен-куќата „Тодор Проески“, Лефкија Гажоска.
Во исто време беше презентирано и видео на знаковен јазик, кои ќе биде поставено на веб страната на Спомен куќата.
„ Тоше не’ сакаше сите. Посебна почит имаше кон лицата со попреченост. Ние како институција со оваа тактилна и знаковна презенација на музејските предмети, само го правиме музејот на Тоше подостапен за сите категории посетители без исклучок“, додаде Гажоска.