Мандолинскиот оркестар „Скопје“ ги воодушеви љубителите на добриот музички звук во Културно информативниот центар во Битола. Концертот беше под диригентската палка на познатиот тандем Рамадан и Ерхан Шукри, и на задоволство на публиката беа изведени повеќе познати мелодии од М.Огински, Т.Христиќ, К.Мандонико, Е.Д.Куртис, Е.Капуа како и познати македонски народни песни.
Шукри истакна дека оркестарот, кој одбележува 22 години постоење, ќе се засили со нови, млади членови, кои ќе се подготвуваат за настапи на европски фестивали. Овој настап во Битола беше после 15 години . Оваа година Ерхан Шукри, го одржа концертот „Првите мои 20 во 30“со кој одбележа двоен јубилеј: 30 години уметничка и педагошка дејност и 20 години Гудачки камерен оркестар „АРКО“.
Мандолинскиот оркестар „Скопје“ во своите 22 години постоење, секогаш на концертите се претставувал со виртуозност и музикалност, а репертоарот бил исполнет со најрепрезентативните дела од оперската, балетската и симфониската музика од светското музичко наследство. Како носител и амбасадор на македонската музичка традиција и култура, инструменталистите од овој оркестар исполнуваат и популарна забавна музика, стилизиран и обработен фолклор, дела посебно напишани за мандолински оркестри, композиции од македонски автори, како и композиции за деца. За тоа бил добитник на многу први, специјални награди на престижни фестивали и натпревари надвор од Македонија, како и на Гран при награди освоени во Имотски и Москва.
Мандолинскиот оркестар „Скопје“ со успешен настап се претстави оваа година и на меѓународниот мандолински фестивал во Измир, Турција со подмладен состав, составен од ученици од основни и средни училишта. Одличниот избор на композиции, во Битола го потврди и публиката, која на моменти запеа по прекрасните звуци, и ги награди со громогласен аплауз.
По завршувањето на настапот, голем број од присутните на концертот имаа можност низ разговор да се запознаат со работата и членовите на мандолинскиот оркестар и изразија пофални зборови и големо задоволство од прекрасните изведби.