Во Градскиот парк во Скопје, Македонската филхармонија го реализираше традиционалниот концерт „Филхармонија на отворено“. Како што информираа оттаму, концертот насловен „Одисеја 2024“ е инспиран од филмот „2001: Вселенска одисеја“ на режисерот Стенли Кјубрик.Под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска, беа изведени музички теми од големите композиторски имиња од светот на класичната музика: Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостакович, кои ги одбележаа маестралните филмови: „Одисеја 2001“, „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“ и „Очи широко затворени“.Кјубрик на музиката гледал како едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори, ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебна драматургија и естетика. Како гостин вокал се претстави извонредната Елена Васова. Намерници и случајни минувачи го исполнија тревникот на паркот и беа сведоци на незаборавно доживување со ОДИСЕЈА 2024.