Во предвечерјето на големиот христијански празник Св.Климент Охридски, кога цел Охрид вибрира во знакот на својот заштитник, публиката на фестивалот „Охридско лето“ со нескриена возбуда го дочека концертот на реномираните македонски уметници, виолинистот Климент Тодороски и пијанистката Марија Вршкова. Низ годините докажани во своите сфери на делување, а сега во зенитот на исполнителството, после подолг временски период имавме привилегија да ги слушнеме повторно заедно, како дуо на концерт во црквата Св. Софија.Сонатата за виолина и пијано оп. 45 во це-мол од Едвард Григ, прочуената Симфониска свита „Шехерезада“ од Николај Римски Корсаков и Концертната фантазија од рускиот виолинист Игор Фролов на теми од Гершвиновата опера „Порги и Бес“ како програмска определба за „Охридско лето“ беа совршен избор што наполно соодветствува со извонредниот музички капацитет на Климент Тодороски и Марија Вршкова, ама и пригода публиката да ужива во исклучително убава музика. Освен тоа, сите три дела ги обединува една заедничка страствена енергија, а отсвирени во еден здив на оваа по многу нешта посебна концертна вечер, ги доживеавме како своевидна уникатна музичка творевина за виолина и пијано со оркестарски интензитет.„Максимално подготвени во сите технички компоненти на избраните партитури, тие уживаа во сопствената уметничка креација приредувајќи ѝ на публиката незаборавно естетско доживување. На овој концерт на „Охридско лето“ имавме уметници што го држат вниманието на публиката од првиот до последниот такт. Тие свират жестоко, не штедејќи го сиот свој буен интерпретациски потенцијал и емоции и со подеднаков жар се внесуваат и ги извлекуваат сите финеси од партитурите. Неодминливо ќе забележиме дека Климент Тодороски и Марија Вршкова низ својот настап емитуваат два изразито индивидуални уметнички персоналитети. Но нивната “super power” е во тоа што тие успеваат своите нагласени творечки темпераменти да ги артикулираат и да ги поврзат во енергична, возбудлива камерна формација со еруптивни размери. Публиката на „Охридско лето“ целосно го препозна и со овации го поздрави извонредниот перформанс, силно посакувајќи да не чека предолго до следниот концерт“, истакна музикологот Викица Костоска Пенева.Марија Вршкова е родена во Битола, таму го завршува основното и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со највисоката оцена cum laude, во класата на проф. Т. Светиев каде ги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието е добитник на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а нејзината најзначајна меѓународна награда е Трета награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим, Италија. Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствениот претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти. Покрај неколкуте снимени ЦД-а со истакнатите македонски уметници, Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби, Страшо Темков, во 2010 година, таа го снима и своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапува во следните земји: Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, Америка, Србија, Австрија, Грција… Вршкова е дел од уметниците кои редовно настапуваат на реномираните фестивали кај нас, како „Охридско лето“, ДММ, „Златна лира“ и „Есенски музички свечености“. Како врв на нејзината уметничка дејност е наградата за специјално уметничко достигнување, добиена од страна на интернационалното жири на Интернационалниот натпревар „Охридски бисери“ во 2009 година, како и три награди „Виртуози“ за музички изведувач во 2013 година и две награди за камерен состав во 2015 и 2016 година. Во моментот Марија Вршкова работи како доцент при ФМУ- Скопје.Климент Тодороски е роден 1984 година во Охрид. Музичкото образование го започнува во Охрид и Битола, а го продолжува на националниот музички конзерваториум во Тулуз,Франција во класата на професор Благоја Димчевски сѐ до 2002 година. Дипломира на ФМУ Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко. Учесник е на семинари, концерти и натпревари во Словенија, Русија, Романија, Србија, Франција. Добитник е на повеќе државни и интернационални награди меѓу кои трета награда на натпреварот „Петар Коњовиќ” во Белград, втора награда на натпреварот „Корнелија Бронзети” во Романија и прва специјална награда на Меѓународниот натпревар „Охридски бисери”. Како солист настапува со Македонската филхармонија, Камерниот и Симфонискиот оркестар при ФМУ во Скопје на „Охридско лето”, „Хераклејски вечери“… Учествувал во реализација на неколку проекти со еминентниот виолинист Јован Колунџија, Националниот камерен оркестар од Тулуз и Симфонискиот оркестар на „Capitole”. Во неговите позначајни настапи може да се вбројат и настапите со светски познатиот пијанист Симон Трпчески, на концертната турнеја низ Македонија (2007- 2008), Велигденскиот концерт- Скопје (2008) како и настапот во седиштето на Обединетите Нации, по покана на претседателот Срѓан Керим. Климент Тодороски е солист на концертот со кој диригира светското чудо од дете диригентот Илич Ривас на фестивалот „Скопско лето“ во 2009. Соработува со композиторот Марјан Неќак и ги снима виолинските соло делници за неколку продукции на балети и театарски претстави во Загреб, Марибор, Нови Сад и Скопје. Климент Тодоровски работи како концерт-мајстор во Националната опера и балет од 2009 година.