Home » Концертот „Извор“ изведен по повод 60 години Музичка младина на Македонија

Концертот „Извор“ изведен по повод 60 години Музичка младина на Македонија

by culturalchat

Оркестарот на Македонската филхармонија го изведе концертот „Извор“ посветен на 60 години Музичка младина на Македонија. Диригент беше Борјан Цанев, а како солисти настапија младите инструменталисти Магдалена Дрмач – виолончело, Леонардо Димоски – виолина и Гоце Златев – пијано. На програмата беа „Водич низ оркестарот за млади“ од Бенџамин Бритн, Симфониски варијации за виолончело и оркестар од Леон Боелман, Капричо-Етида од Сен Санс и „Рапсодија на тема од Паганини“ од Сергеј Рахмањинов.

МММ е формирана во Битола (1963) и оттогаш е член на ФЈМ (Светската федерација на музичката младина), како дел од Музичката младина на поранешна Југославија, а од 1995 г. дејствува како самостојна организација, под името Музичка младина на Македонија. Од своето формирање до денес МММ претставува една од најзначајните алки во синџирот на разнородните музички активности во нашата држава и надвор од неа.

Леонардо Димоски од Прилеп, музичкото образование го започнува на 6-годишна возраст,  во ООМУ „Ордан Михајлоски Оцка“. Во светот на музиката го водела професорката по виолина Оливера Трајковска од Битола. Средно училиште заврши во Државното музичко училиште во Битола . Oд јануари 2017 година работи под менторство на м-р проф. Сихана Бадивуку. Во 2023 започнува да студира во Виена со проф. Павел Верников и проф. Кристина Шуклар. Учесник и добитник е на бројни награди на државни и меѓународни натпревари.

Учествувал на „Виолин фест“ – Скопје, во 2016, 2017, 2018, 2019 и 2023 год. Настапувал во Македонија, Австрија, Србија, Италија… Учесник е на Третата меѓународна конференција „Образование преку граници“ – Битола и на новогодишните хуманитарни концерти на Педагошкиот факултет во Битола. Посетувал семинар по виолина кај доц. м-р Михаило Куфојанакис, проф. Пол Рочек (Австрија), Теди Папаврами (Швајцарија), м-р Владимир Марковиќ (Србија), проф. Рони Шпигел (Швајцарија), проф. Кирил Трусов (Германија), проф. Дмитри Берлински (Русија), проф. Ана Морголетс (Русија), проф. Павел Верников (Украина), проф. Светлана Макарова (Русија).

Магдалена Дрмач е родена 2006 година. На осумгодишна возраст почнува да свири виолончело во Основното музичко училиште – ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ – Скопје, во класата на професорката Александра Јаневска. Во периодот од 2015 до 2023 година учествува на многу натпревари каде што освојува многу први награди. Повеќето од нив се со меѓународен, државен и регионален карактер. Натпреварите се одржале во Република Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Русија и САД. Во 2021 година е лауреат на фестивалот „Отворена Европа“ во Москва. Истата година настапува со Македонската филхармонија, а во 2022 година повторно е избрана и настапува со Македонската филхармонија. Во 2022 година ѝ е доделена наградата за најдобар ученик на гудачкиот оддел во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“. Магдалена е лауреат на фестивалот „Полихимнија“ во 2023 година. Настапува и во Рим, Италија како дел од државната делегација во чест на празникот Св. Кирил и Методиј. Присуствува на многу мастерчасови со врвни професори како: Стефан Попов (Обединето Кралство); Гал Фаганел (Словенија); Вида Вујиќ (Австрија); Ерих Оскар Хутер (Австрија); Атанас Крастев (Бугарија); Милутин Младеновиќ (Србија); Александар Кузмановски (Словенија); Милитијадис Касарос (Грција). Била дел од Камерниот оркестар на МММ „Саша Николовски-Ѓумар“ и „Нонет +“, „Ајга“, како и од проектот „Musica un Ponte tra i Popoli“ во Форли, Италија, 2022 година. Магдалена е водечки челист во симфонискиот и камерниот училиштен оркестар.

Гоце Златев е роден 2006 година. Основното музичко образование го започнува во Штип на осумгодишна возраст во класата на проф. Гоце Костадинов, а од 2017 година учи во Скопје во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. д-р Славица Мицовска- Смилевска. Сега е ученик во  четврта година – Инструментален отсек – пијано специјал. Во текот на своето  музичко образование учествува на повеќе државни и меѓународни натпревари и добитник е на многу награди, меѓу кои прво место во Словенија; награда „Најголем виртуоз“ во Бугарија; второ место на натпреварот „Шопен“ во Малезија и др. Настапувал со оркестарот „Видин Симфониета“, под диригентство на маестро Петер Димитров во Софија, Бугарија; во 2019 година настапува на два концерта во Париз, Франција;  во 2021 и во 2022 година настапува со Македонска филхармонија, под диригентство на Сашо Татарчевски и Дијана Илковска-Имери. Во 2019 година на 13- годишна возраст го одржува првиот солистички рецитал во Скопје, по кој следат девет солистички рецитали од кои три во Скопје, Штип, Велес, Битола, Струмица, Гевгелија и рецитал во Рим. Во текот на школувањето, својата наобразба ја надоградува во соработка со еминентни професори: М. Ѓошевска, С. Трпчески, Ж. Захариева (Бугарија), С. Гаџиев (Словенија, Италија), Шантал Стилиани (Франција), Туту Ајдиноглу, Бертран Жиро (Франција) и други.

Музичката младина на Македонија за целото ова време се стреми да ја охрабри и насочи потребата за директна комуникација меѓу младите и аудиториумот, како со музикатата, така и со други културни вредности.

 

 

Related Articles