Под диригентска палка на Паскал Галоа, Франција, камерниот ансамбл „Нов здив“ одржа концерт во црквата Св. Софија во Охрид.
Членови на оркестарот се: Бојан Илкоски – виолина, Марија Трајковска – виолина, Илза Бафтиари – виола, Александар Лаовски – виола, Паскал Краповски – виолончело, Драган Гоневски – виолончело, Гонца Богоромова-Краповски-сопран, Игор Бакревски- кларинет, Маријана Николовска – пијано, Атанас Алексов-ударни инструменти.
Филхармонијата, најстариот и единствен симфониски оркестар во Р.Македонија е столб на македонската музичка сцена скоро осум децении. Нејзиниот постојан квалитативен раст, значи негување на широк репертоар од светската класична музичка литература како и светски премиери на дела од современи автори, оживувајќи ги со особена гордост и делата на македонските музички творци. Со подмладувањето на оркестарот во последнава декада особено, Филхармонија внесува елан и работи со силен ентузијазам, а со тоа создава простор за зародиш на нови камерни ансамбли и формации, како и за возобновување на долгогодишните добро познати камерни состави.
Идејата за овој концерт на камерниот ансамбл „Нов здив“ произлезе од желбата и предизвиците за изведба и на современата музика на нашата музичка сцена, и фактот што во нашата држава не постојат многу состави кои се длабински посветени на новата музика. Членовите на камерниот ансамбл „Нов здив“ на Филхармонија во соработка со диригентот Паскал Галоа од Франција, грижливо прават селекција на композиции од македонски и светски автори: А. Шенберг, Валентина Велковска – Трајановска и А. Веберн.
Сите композиции кои беа дел од програмата на овој концерт се ретко изведувани, а дел од нив и премиерно беа изведени во Македонија, a воедно концертот беше премиерно претставување на камерниот ансамбл „Нов здив“.
Уметничката кариера на Галоа вклучува повеќе активности: покрај исклучително плодна активност како енигматичен и енергичен виртуоз-фаготист и познат педагог, во последно време се афирмира и како успешен диригент но и и особено креативен уметнички директор. Како еден од најпризнатите мајстори на фаготот, Галоа го инспирира италијанскиот композитор Лучано Берио да ја напише и да му ја посвети Секвенцата XII (1995), дел од легендарната серија со која значително се прошируваат хоризонтите на инструменталните техники и експресивниот дијапазон на инструментите. Во листата на истакнати композитори кои создале дела специјално за Галоа се и Пјер Булез со неговиот „Дијалог на двојната сенка“(2007) и Волфганг Рим, чија композиција „Псалм“ за фагот и оркестар е премиерно изведена од Галоа и оркестарот на Баварската државна опера под водство на Кент Нагано.
Во значајните „музички моменти” кои ги иницира Галоа се вбројуваат и концертите во чест на 85-тиот роденден на Пјер Булез, како и одбележувањето на 95-тиот роденден на композиторот Анри Дитје. Галоа има реализирано бројни снимки како солист, камерен музичар и диригент, со исклучителен ентузијазам за нова музика, вклучувајќи дела од Булез до Куртаг; од Берио до Нојвирт. Етаблиран подолго време како активен протагонист на париската музичка сцена, во 2015 го создава фестивалот „Музикал де Киброн“ во Бретања, како оригинална форма на испреплетување на традиционалното и современото творештво. Активно работи како диригент со голем број ансамбли и оркестри, вклучувајќи ги и Оркестарот на Бретања, Интернационалниот ансамбл за нова музика во Њујорк, ансамблот „Праг-Модерн“ и ансамблот „Меитар“ во Израел.