„Соништата растат и се формираат заедно со нашиот развој. Патот кон остварувањето на тие соништа е всушност патот кон себеспознавање. Тој пат и процес е всушност радоста на животот и она што нѐ прави особени, единствени и суштински среќни“, вака го започна разговорот со нас актерката Софиа Насевска Трифуновска. Нејзината љубов кон театарот ја насочува кон „штиците што живот значат“, па така од 2013 г. работи во Македонскиот народен театар – Скопје.
Публиката ја освојува со претставите: љубовната драма „Горчливите солзи на Петра фон Кант” , ,Сомнително лице”, „Госпоѓиците од Авињон“, „Кец на десетка“, „Прекината одисеја“, „Соларис“, „Мајсторот и Маргарита“, „Да тргнеме Сењор“, „Вечната куќа“ и многу други.
Тука се и филмските проекти од кои била дел: „Еј“, „Замена“, „Порцеланска вазна“, „Сенки“, „Егзит“, „Битолска сага“, но и телевизиските серии: „Фамилија Марковски“, „Тврдокорни“.
Софиа е и долги години водител на Струшките вечери на поезијата.
Колку е важна меѓусебната поддршка помеѓу жените?
С.Н.Т.- Меѓусебната поддршка помеѓу жените е всушност неопходна за нашиот личен и колективен развој. Ставот кој подразбира почитување и препознавање на квалитетот и потенцијалот на другиот човек, а особено на жената, афирмацијата на вредностите на жена која ги поседува, се драгоцени на интимно и на општествено ниво. Гласното меѓусебно поддржување создава атмосфера на успех и благородност. Жената е моќ. Сметам дека така треба да гледаме една на друга. И така да растеме. Нема позначајна поддршка и поголем комплимент од оној кој го дала една жена на друга, притоа со искреност и радост која се препознава. Сметам дека само со таков став можеме да се спротивставиме на општествените и социјални искривености со кои секојдневно се соочуваме, бидувајќи жени.
Што те мотивира во работата да продолжиш понатаму кога ќе се појават проблеми?
С.Н.Т.- Понекогаш велиме дека уметноста не со создава во совршени услови. Јас мислам дека голем дел од резултатот се потпира на условите и предизвиците со кои се соочуваш додека создаваш. Препреките можат да те сопрат и да те обесхрабрат или да те мотивираат да одиш напред, похрабро и посвојствено. Јас сум се нашла себеси во обете ситуации и сметам дека искуството е суштински елемент кој од проблемите може да направи квалитет. Лично ме мотивира крајната цел и притоа се потпирам на својата упорност, отпорност, а многу често и тврдоглавост.
Зошто е важно да се живеат своите соништа и да не се откажуваме од истите?
С.Н.Т.- Соништата растат и се формираат заедно со нашиот развој. Патот кон остварувањето на тие соништа е всушност патот кон себеспознавање. Тој пат и процес е всушност радоста на животот и она што нѐ прави особени, единствени и суштински среќни. Попат можеби ќе сфатиш дека тоа што го посакуваш не е твое, дека всушност не ти припаѓа, но ќе научиш многу подрагоцени работи за себеси.
Сѐ додека имаме порив и стремеж кон остварување на сонот, го храниме својот потенцијал и ги развиваме своите можности.
Никогаш не знаеме што сѐ можеме, додека не се отвориме кон создавањето целосно, со отворено срце и искреност. Сѐ додека тежнееме кон сонот, се имаме себеси.