Home » Инспиративни битолчанки: „Ме мотивираат резултатите и љубовта кон тоа што го работам“-Ирена Ружин

Инспиративни битолчанки: „Ме мотивираат резултатите и љубовта кон тоа што го работам“-Ирена Ружин

by culturalchat

Д-р Ирена Ружин е битолчанка од старо битолско семејство Здравеви, сопруга, мајка, која и покрај многу можности за работа и живот во странство, би сакала да остане во Битола. Најчесто ја поврзуваме со проекти за развој на културниот туризам во Битола, Музејот и проекти за пристапност на културното наследство. Позната е по нејзината емпатија и како борец за почитување на човековите права и семејните вредности. Нејзиното меѓународно искуство стекнато од различни специјализации и работа со професионални организации,се труди да го имплементира овде, во Битола. Таа е член на Извршниот одбор на Балканската Музејска мрежа и македонски претставник на Балканската музејска група за пристапност со кои ја освоија наградата Зеро за пристапност и е дел од трите “Агенти за промени на Балканот” според Универзитетот во Брајтон.

Во моментов води неколку проекти за пристапност во земјава и на Балканот. Организираше тактилни изложби за лицата со оштетен вид да можат да ги запознаат најважните експонати од Музејот, видеа со знаковен јазик, работилници со штитеници од Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор од Битола.

Колку е важна меѓусебната поддршка помеѓу жените?

И.Р.- Отсекогаш сум имала покрај себе силни жени, од учителки до менторки, соработнички, пријателки… кои оставиле значајна трага во мојот приватен и професионален живот. Мислам дека жените кои даваат поддршка се исполнети и реализирани жени, жени кои го сакаат животот.

Во животот сум добила многу поддршка, а исто така и сум давала многу поддршка. Не знам дали е тоа моја особина, домашното воспитување или Божји благослов. Можеби комбинација од сето наведено. Нишката во сите варијанти е љубовта. Имам среќа што во тимовите со кои работам и соработувам се вклучени жени кои се врвни професионалци и искрени пријателки. Ми се допаѓа кога поддршката е взаемна, без умисла,  кога не се дава заради остварување на друга цел, кога не е лажна туку искрена.  Претпочитам поддршката да е невидлива за јавност, ако се работи за личен проблем, потреба, да знае само таа жена на која си и потребна, во различни ситуации.

А професионалната поддршка треба да биде јавна и транспарентна, континуирано да се поддржуваат квалитетните, лојални, силни и професионални жени. Но, колку и да сме силни и колку и да имаме меѓусебна поддршка ние жените, сепак, мора да бидеме искрени дека често сме биле и сме во ситуација да ни е потребна поддршка и од машка рака, татко, брат, партнер, колега, пријател. Нели?

Што те мотивира во работата да продолжиш понатаму кога ќе се појават проблеми?

И.Р.- Проблеми се појавуваат секогаш и секому. Мене ме мотивираат резултатите и љубовта кон тоа што го работам. Без оглед од каква природа се проблемите, секогаш треба да се обидуваме да најдаме решение,односно секогаш да имаме план Б. За жал се среќаваме и со завидливи луѓе, пакосни, себични,.. но сепак мислам дека трпеливоста е пресудна. Кога велам трпеливост не препорачувам пасивност, туку чекање на правиот момент.  За среќа, љубовта кон работата, квалитетот и добронамерноста се вреднуваат и препознаваат надалеку, особено надвор од нашите граници. Резултатите од искрена, квалитетна, стручна работа се видливи. Тоа не може да се сокрие. А тоа го потврдуваат и нашите корисници, клиенти, оние за кои сме сработиле. Чувството дека си успеал е бесценето.

Зошто е важно да се живеат своите соништа и да не се откажуваме од истите?

И.Р.- Мислам дека сонот на секоја жена е да биде реализирана во сите области на животот. Најубаво е чувството кога своите соништа си ги остварил во голема мера. Според мене, сонот на жените не е поврзан со многу пари, сон не е да живееш во луксуз, таму некаде далеку, сон е да си среќен со тоа што го имаш, да си опкружен со тие што ги сакаш и што те сакаат и секако да си среќен со тоа што го работиш.

Не се согласувам кога жената е посветена само на професијата и обратно, кога е посветена само на домот и семејството. По кој рецепт жената ќе направи баланс, тоа е вештина . Има време за се, особено ако се прави со љубов. Не сме свесни колку можеме. Бог дава сила.

 

Related Articles