Излезе од печат поетската книга “Процвет”на поетесата Цветанка Невчева. Истата е во издание на Дата песнопој од Битола. Делото е дел од Современата македонска книжевност – едиција: КНИЖЕВНИ МЕРИДИЈАНИ и е носител на наградата насловена ДУШАТА НА ЧАРШИЈАТА на конкурсот распишан од издавачката куќа Дата песнопој од Битола. Песните во стихозбирката ПРОЦВЕТ поетесата ги врамила во четири циклуси исполнети со книжевни и стилски изградени композиции нешто што соодветствува на современите текови во поезијата. Таа нема време да опишува, присутно е само емотивното ткаење на версот, за поцелосно ослободување на трепетот преку кој се дава нова силна и цврста димензија на зборот. На преслапот е желбата за љубов, најсилна и вечна во потрагата на поетесата. Цветот не е само убавината, кој доаѓа од лабораторијата на поетесата, во него е естетската порака за димензијата на животот, чистотата на зборот, па и моќта за проследување на боите на животот. „Ништо не ме прашувај, препушти се на мигот зашто надежта е сон на будните, за да го зграбиме здивот на животот во ѕвездената ноќ “, се вели во рецензијата напишана од Илија Мерковски, главен и одговорен уредник на издавачката куќа Дата песнопој од Битола. Дизајнот на корицата е направен од страна на нашиот голем хуманист и сликар, Живко Поповски-Цветин. Низ страниците од книгата се проткаени уметнички дела, слики-масла на платно, насликани од вештите раце на познатиот хирург, д-р Јордан Невчев.Книгата содржи нераскинлив спој на поетската и ликовната уметност, стихозбирка која ќе остави трајни вредности и ќе ги освои срцата на читателите.