Оркестарот на Македонска филхармонија го одржа концертот „Чистина“, на кој како солистка настапи перкусионистката Татиана Колева (Холандија/Бугарија), а диригент беше маестро Емил Табаков од Бугарија. На програмата беа концертот за маримба, вибрафон и тапан од Емил Табаков кој беше изведен премиерно. динамично дело со современ израз, со деликатна и колоритна ритмика.
Беше изведена и Симфонијата бр.2 во Де-дур од Лудвиг ван Бетовен, ремек дело на класиката, полно со живот, елан и енергија.
Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните и најплодните композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма, за симфониски оркестар и за други формации. Автор e на девет симфонии, концерти за оркестар, концерти за различни инструменти, „Реквием“, камерни и соло композиции. Повеќето се нарачани од меѓународни фестивали и музичари. Неговите дела се издадени од Naxos, Gega, Balkanton, и често се изведуваат во Бугарија, Германија, Португалија, САД, Јапонија, Финска, Франција, Австрија, Турција и др.
Во својата музика Емил Табаков настојува да се фокусира на развојот на динамиката и на структурниот материјал. Критиката го дефинира како композитор кој создава „музика што се движи“. Табаков создава дела во кои ја презентира својата впечатлива композиторска техника, со која го развива тематскиот материјал, претворајќи го во музика на тези и антитези, на кулминации и падови.
Татиана Колева, која критиката ја препознава како виртуоз и иновативна уметница перкусионистка, досега премиерно извела повеќе од сто дела напишани специјално за неа како солист и за нејзините проекти со поголеми ансамбли. Родена е во Бугарија, а моментално живее во Холандија, каде што ја комбинира својата интензивна концертна агенда со едукативните активности, меѓу кои и работата како професор на Конзерваториумот во Гронинген.