ЗНАМ,МОЖАМ,СОЗДАВАМ беше слоганот на кампањата која модното студио Ле Бранд ја промовираше оваа година, тема усогласена со онаа на Обединетите Нации кои годинава ја слават жената во технологијата,иновациите и дигиталниот простор.Колекција од која дел од средствата од продажбата одат за помош на жени жртви на семејно насилство и самохрани мајки.
Оваа кампања е создадена со цел за подигање на свесноста кај жените за нивните капацитети, способности и сила да се изборат за подобро место во општеството. Претходно модната креаторка и сопственичката на модното студио Ле Бранд, Лили Кадинска, ја промовираше колекцијата БУКВИ, инспирирана од прекрасните стихови во македонската поезија.
Креациите се продаваат во изложбениот простор на Ле Бранд во Битола,а онлајн се присутни на концептуалната продавница URMA за Македонија и на светската платформа за независни дизајнери Еtsy.
За кампањата ЗНАМ,МОЖАМ,СОЗДАВАМ, Кадинска ни рече:
Л.К.- За оваа цел дизајниравме и изработивме блузони со слоганот,кои се всушност надградба на минатогодишната колекција со маици,инспирирани од движењето на суфражетките од почетокот на 20ти век и нивната борба за право на глас.
Оваа колекција е именувана според минатогодишната кампања,која воедно беше и прва,суфражет концепт,а од продажбата на парчињата облека кои се дел од истата,15% одат во фонд за помош на жени жртви на семејно насилство и самохрани мајки.
Идејата е секоја година да се надградува суфражет концептот со нови производи за истата цел.
Која порака ја носи оваа колекција?
Л.К.- Животот на жените е жонглирање со очекувањата на општеството полно со предрасуди и стереотипи и со личните очекувања од сопствениот живот. Девојчињата од најмали нозе се директно изложени на стереотипизација на нивната улога во светот преку поделба на машки и женски игри,играчки,бои и на крајот професии. Неодамна јас лично бев сведок на една сцена во занимална.каде што децата воглавно доаѓаа од западната култура. Девојчињата имаа улога на принцези,а момчињата беа капетани на брод. Пораката на оваа игра со вака поделени улоги е неправедна.
Затоа е важно преку конкретни и блиски примери да ги мотивираме и да ги поттикнеме оние кои доаѓаат после нас. Да сонуваат и да знаат дека можат да создаваат.
Претходно вниманието на јавноста го привлече со колекцијата „БУКВИ“, колекција која е доста актуелна.
Л.К.- „Б У К В И” e релативно нова колекција кошули на Le Brand Studio,инспирирана од прекрасните стихови во македонската поезија.Белите кошули се форма преку која македонските поети прераскажале многу животни приказни, како таа на Ленка,Везилката,итн. Ние преку нашите бели кошули со отпечатени стихови од три македонски песни сакавме да ја пренесеме љубовта исткаена од букви и преточена во зборови кои одекнуваат силно со истата моќ, како ехо низ времето и просторот до денес. Колекцијата беше симболично најавена во предвечерието на 8-ми Септември. Идејата за колекцијата и нејзината реализација се поклопија со Денот на независноста,како совршена прилика да се претстави нешто за коешто изворот на инспирација доаѓа од нашето културно и национално богатство.
Кои се поеми на наши писатели се искористени за оваа колекција?
Л.К.- Во оваа колекција искористени се две кратки љубовни поеми од македонски поети Проштална на Никола Јонков Вапцаров и Тајна на Ацо Караманов,како и една строфа од Тга за југ ,каде што со најубави зборои,преточени во стихови,Миладинов ги опишува убавините на Македонија и Охрид.
Le Brand Studio е моден бренд кој и се обраќа на современата жена со интензивно секојдневие. Секое парче облека е осмислено да биде доволно само по себе,како и совршено да се вклопува во посебноста на многу стилови. Минималистички дизајн со автентичен дизајнерски печат изразен преку чистите форми и строгите архитектурни линии.
Од самите почетоци па се до денес, Ле Бранд, преживеа големи стилски промени во дизајнот, а се родија неколку дополнителни концепти како курсот по моделирање, конструкција и шиење на облека, исто така B2B моделот со кој веќе се реализирани неколку соработки со други дизајнери и брендови кои ги користат нивните услуги од дизајн, кроеви, прототипи, градирање и производство на мали серии. Моментално „Ле Бранд“ функционира како мал тим со одбрани луѓе кои работат на иста цел.