Со доделување на наградите на најдобрите заврши годинешното 6.издание на меѓународниот пијано натпревар Пијанофест 2024. Оваа година околу 150 учесници се натпреваруваа во дисциплините пијано соло, соло пеење, и за прв пат и во дисциплината камерна музика. Меѓународна жири комисија оваа година беше составена од: за дисциплината пијано Бојана Родиќ (Србија), Елена Ѓоргиева (Македонија) и Милица Лоренс ( Малта ). Во дисциплината соло пеење: Македонка Митреска (Македонија), Иванка Нинова ( Бугарија ), Маја Митровска (Македонија). И во дисциплината камерна музика : Милица Лоренс ( Малта ), Вангел Мажевски ( Македонија ), Иванка Нинова ( Бугарија ). Жири комисиите ги доделија првите места на:
Дисциплина пијано преткатегорија: Кристел Јатру, Албанија и Макивиќ Дамјан, Србија.
Прва категорија: Алексеј Белевски, Македонија, Вук Џокиќ, Србија, Климент Ковачевски, Македонија.
Втора категорија:Јане Петровски, Македонија.
Трета категорија: Јован Цветиновски.
Четврта категорија: Златица Лазарова.
Соло пеење, Б категорија: Мартин Димитриевски, Елеонора Џоџоска.Камерна музика: 100 поени трио кларинети Никола Пашкоски, Давид Трајкоски, Стефан Ѓорѓиоски. Лауреати оваа година се: категорија пијано: Златица Лазарова, категорија соло пеење Елеонора Џоџоска. Беа доделени и награди за најдобри наставници и тоа на:Паола Кондакчи од Албанија и Душан Сутон од Србија. Лауреатите добиваат парична награда заедно со нивните ментори, и награда концерт за отварање на Пијанофест 2025. Пијанофест 2024 беше отворен со свечен концерт со лауреатите од минатогодишниот натпревар во цвечената сала на КИЦ.Офицерскиот дом во Битола и на истиот музичката магија ја пренесоа: Јана Блажевска Соло Пеење ( Македонија) и Јурген Алија Пијано ( Албанија). Натпреварот е во организација на Здружението на пијанисти и музички педагози ПИЈАНО од Битола, а се реализираше под покровителство на Министерството за култура на Македонија и Oпштина Битола. Овој натпревар е во соработка со Културно Информативниот центар – Битола.Здружението ПИЈАНО ја промовира класичната музика и вредностите кои таа ги носи сама по себе. Формирано во 2018 година од професионални педагози по пијано како и од група ентузијасти и љубители на класичната музика, ова здружение има за цел да го подигне нивото на музичката култура, културата за слушање на класична музика, како и да имплементира еден нов начин на едукација на младите таленти кои што во иднина ќе ја продолжат музичката традиција, преку интернационални проекти, семинари, работилници, мастеркласи и сл. Здружението Пијано исто така ги стимулира, поттикнува и мотивира младите музички надежи од нашиов град, од државава и пошироко за развој на нивниот талент и интеркултурна размена на искуства и идеи и со таа цел организира активности во текот на целата година.
Приказната ПИЈАНОФЕСТ започнува во 2019та година, со идејата за културно раздвижување, а резултира со успешен настан и учесници не само од нашата земја, туку и од Србија, Италија, Албанија, Ермениа, Косово, Полска, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Малта и други земји. Од година во година интересот за натпреварот е се поголем, и големото “Пијанофест семејство” се повеќе расте.