Битола е филмски град, а тоа го докажуваат бројните филмови, серии снимени таму, филмските работници, филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ и сл. Уште еден доказ за тоа се и младите креативци кои својата патека ја градат цврсто на полето на филмската уметност. Па така во Центарот за култура, младата и талентирана Ана Марија Јанковиќ, премиерно го претстави својот втор краткометражен филм работен со битолска екипа со наслов „Амин“.
Во филмот играа битолските актери Петар Горко, Маја Андоновска – Илиевски и Петар Мирчески. Филмот е во продукција на “Генерал Филм Студио“,продуцентот е Дарио Јанковиќ кој има голема поврзаност со Битола и е познат на битолчани. Директор на фотографија е Кристијан Теодоров, а музиката е на Димитар Андоновски.Другиот дел од битолската екипа беа сценографот и костимографот Зоран Николовски, шминка Стефанија Стојчевска. Скопскиот дел од екипата го сочинуваа Марјан Петковски кој беше прв асистент камера и Виган Ибиши кој беше втор асистент камера. Виктор Лазаревски гафер и Дејан Дојчиновски бест бој. Аце Бошковски монтажа и Скофјан Бејта дигитален колорист .Долготрајни аплаузи, публиката воодушевена, а еве што ни изјави младата режисерка после премиерата.
А.М.Ј.- Неописливо е чувството, сеуште ја чувствувам возбудата и тремата која ја имав, сеуште емоциите не се стивнати и сум пресреќна што имавме успешна премиера.
Од каде идејата за филмот?
А.М.Ј.- Не можам да кажам дека имам една единствена појдовна точка за идејата, сепак кога ги пишувам своите сценарија се инспирирам од повеќе аспекти кои ме интересираат во животот и откинувам по мали парчиња од сите нив. За овој филм тргнав со идејата да направам нешто поразлично и нетипично и да ја ослободам мојата имагинација, да внесам историски моменти кои ме засегаат, но и психолошката состојба на човекот после траума.За соработката со екипата таа рече:
А.М.Ј.- Ја имав најдобрата екипа и сум преблагодарна на нив. Да се работи со вакви професионалци и луѓе кои се цело време позитивни и таа позитива ја пренесуваат на целата екипа, снимањето го направија да тече лесно, без проблеми и да се снима се според планот е огромно задоволство.
За предизвикот да се снима овој филм актерот Петар Горко ни изјави:
П.Г.- Беше предизвик, лик со посттрауматски синдром од 2 -рата светска војна. Многу побарувања, внатрешни немири, експлицитна психолошка состојба и гледајќи го мислам дека целосно ја постигнав. Задоволен и среќен.А актерката Маја Андоновска Илијевски додава:
М.А.И.- Ова е филм кој обработува една специфична тема врзана со менталното здравје на човекот, или поконкретно пост -воена депресија . Да се долови една емотивна и психичка состојба и на главниот лик кој го толкуваше Петар Горко, но и на неговата сопатничка, ликот кој го толкував јас во 20 минутен филм кој има многу да каже беше сериозен актерски предизвик. По првичната реакција на публиката мислам дека сме успеале да пренесеме дел и од емотивната и менталната состојба на ликовите .
Ја запрашавме Ана Марија, каков предизивик беше самото снимање на терен?
А.М.Ј.- Многу голем предизвик, тргнувајќи од тоа што сеуште сум студент и ова беше преголем залак за мене како режисер, но на сет се појавив со добро напишана домашна задача, спремна со секој детал и со професионалци до мене кои ми ја дадоа целата поддршка и веруваа во мене и во моето сценарио. А би рекла дека ако си добро подготвен, снимањето на терен е најлесниот дел од процесот на изработка на филмот.
За што зборува филмот?
А.М.Ј.- Дејството на филмот се одвива во 1950тите години, неколку години после Втора Светска Војна, каде Бенедикт е поранешен фашистички официр кој се справува со поствоените трауми кои го доведуваат до лудило и непромислени акции.Ана Марија е студент на факултетот за филмски уметности Еуропа Прима, сега трета година. Ова е нејзин втор краткометражен филм. Првиот го сработи пред две години, кога беше во прва година и е со наслов ,, Јаболко“. Следен ќе биде нејзиниот дипломски филм кој веќе почнува да се подготвува.
За соработката со неа Горко ни рече:
П.Г.- Прекрасна соработка, млад режисер, многу паметна, комплетно го знаеше филмот, што сака и на пробите то агол видовме. А за време на снимањето се течеше како млеко. Преубаво искуство. Одлична екипа. Одлична соработка со Маја и Пепи.А Маја истакна:
М.А.И.- Анамарија е една млада, многу интелигентна и прекрасна млада режисерка која ме изненади со својата професионалност и посветеност пред се. Поминавме процес на проба и анализа на филмското сценарио две недели пред снимањето, што многу ја олесни нашата работа на сет. Навистина сум радосна што имав можност да бидам дел од нејзиниот краткометражен филм.
После Битола, филмот имаше премиера во Скопје во Cineplexx, а од екипата се надеваат дека следна дестинација се филмските фестивали. По промоцијата во фоајето на Центарот за култута се одржа и непосредна средба со режисерката и актерите од филмот.