Home » Ексклузивно: КОД 369 потпишаа договор со Кроација Рекордс

Ексклузивно: КОД 369 потпишаа договор со Кроација Рекордс

by culturalchat

Македонскиот бенд КОД 369 потпиша петгодишен ексклузивен издавачки договор со најголемата и најзначајната издавачка куќа во регионот Кроација Рекордс. На нивната работна посета на Загреб, беа одлично пречекани од екипата на Кроација која беше максимално професионална, а воедно и пријатна. Таму се сретнаа со прекрасна атмосфера во студијата за аудио и видео продукција и одлични услови за соработка. Па така таму го снимија и првиот сингл на хрватски јазик со наслов Права љубав. Тој зборува за безвременоста и бесконечноста на искрените чувства и несебичноста. Албумот Stages of Love е првиот албум кој го создадоа и снимија како КОД 369 и истиот наскоро ќе биде издаден од страна на Кроација Рекордс.

„ Пред се соработката со Кроација Рекордс за нас претставува една голема чест. Да се биде во друштво со врвните музичари од регионот е признание за нашата долгогодишна работа како автори и изведувачи. Воедно ова за нас е и еден вид благослов, продолжување на успесите кои уште на почетокот ги направивме, а тука мислам пред се на големиот број на музички видеа кои се вртеа на Ем-Ти – Ви Адриа, првите места на топ листите, како и многубројните фестивали чии гости бевме“, ни изјави вокалот на групата Ирена Димовска.

„Кроација рекордс“ од Загреб е несомнено најголемата дискографска куќа во регионот и дел од истата се реномирани уметници, музичари , композитори, продуценти и изведувачи. Долгогодишното постоење резултира со водечко место во хрватската, но и регионалната дискографија, а во прилог на тоа е информацијата дека производството на носачи на звук на Кроација рекордс на хрватското, регионалното тло, но и во сите сегменти на музичката продукција, од класична музика до џез, инструментална, поп, рок, забавна, етно музика е 70 проценти од целокупната музичка продукција во регионот.

Несомнено Кроација рекордс е најпродуктивна (или можеби една од најголемите издавачки куќи на просторот на поранешна Југославија.

За потпишувањето на овој договор Ирена истакна:

„ Идејата потекна од нашиот менаџерски тим, односно од Баги комуникации.  Нашиот менаџер Манде кој одлично соработува со многу негови колеги менаџери, како и музичари ни ја овозможи  оваа соработка. На наше задоволство, пресудниот момент кој не донесе во Кроација Рекордс беше нашата музика.“

Ја запрашавме како ќе се одвива понатамошната соработка.

„Во понатамошната соработка не очекуваат изданија на албуми, фестивали и секако медиумска изложеност. Сето ова ќе ни овозможи да го правиме она што го сакаме, а тоа е создавање и изведување на музика. Со Кроација Рекордс како наш сојузник, ќе допреме до уште повеќе слушатели кои ќе се запознаат со нашата музика и ќе ја засакаат“.

КОД 369 е формиран во 2020 година. Членови на бендот се: Ирена Димовска (вокал), Даниел Митревски (гитара, придружни вокали), Иле Лулевски (тапани, придружни вокали) и Коста Стеваноски (бас гитара, клавијатури). КОД 369 се продолжение на долгогодишната музичка дејност на членовите на Памперс (Ирена Димовска, Даниел Митревски и Иле Лулевски).

Во музиката на КОД 369 се внесени нови музички моменти на фанк, џез и класични инструментализации кои проткајуваат во препознатливата рок основа и влијанија на современата музика од доменот на поп и рок. Нивната музичка мисла секогаш се наоѓа на границата помеѓу алтернативниот рок и комерцијалната рок и поп музика, задржувајки ја свежината, слободата и авангардните идеи на првата категорија и прифатливоста на втората. Во нивните текстови може да се препознаат универзалните човекови и книжевни вредности, љубовта како движечка сила и моќта на индивидуата како двигател кон своето најдобро јас.

Првиот сингл со наслов „Остани до крај“ е истовремено амбиентален и подвижен, искажувајки ги турбуленциите на емоциите. Стиховите се стремат да ja величаат љубовта на долги патеки.

Вториот со наслов “Butterflies” е сага и инспирацијата за секој уметник кој сака своите дела слободно да ги твори и да ја подели својата креативна сила за доброто  на сите.

„ Во време на сериозни закани за општеството и човештвото воопшто, уметноста како навидум да го губи своето значење и ако не е излишна тогаш е барем игнорирана. Ако нешто вистински ги поврзува сите луѓе тоа е уметноста“, велат од Код.

 

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles