Песната „Ако одам во Битола“, битолчани си ја нарекуваат и химна на Битола, покрај Битола мој роден крај. Песната по текст и музика на Петар Георгиев Калица, се пее не само во Битола, не само во Македонија, туку насекаде низ светот каде што живеат Македонци. Обработката на песната од страна на Благојче Трајковски, а во изведба на Димитар Андоновски, во придружба на група „Фонтана“ и Сара Мејс, достигна гледаност од 1 милион прегледи на Јутјуб.
Во видеото учествуваат и: бас: Павле Јаневски, пијано: Кирил Стојчевски, гитара: Зоран Костадиновски, Тони Цветановски, ударни инструменти: Зоран Ристевски – Озо, перкусии: Ратко Даутовски, Зоран Јагоридовски, виолини: Ѓорѓина Поповска, Димитар Михајловски, Мартин Кушевски, Игор Милевски, Валентин Наумов, Милена Марковска, Марија Кулевска, Благица Блажеска, Наталија Николовска, Виоли: Константина Богоевска, Емилија Богоевска, Никола Трајановски, Дејан Арсиќ, придружни вокали: Сара Пројковска. Трајковски е потписник на целата обработка и аранжман. „Да се направи нова верзија на оваа исклучителна песна, песна над песните за многумина е веројатно тешка задача. Но, ова што го направи овој тим е доказ дека кога ќе се соберат вистински професионалци може“ изјави Трајковски.
Нема битолчанец кој не си ја потпевнува песната каде и да оди. Од тие причини оваа песна е инспирација за бројни музичари да и дадат ново светло, да ја изведат со нотите од своето срце и љубовта кон Битола. „Да се биде дел од овој проект за мене значеше многу. И како уметник и како битолчанец. Да ја отпеете песната која се пее насекаде, не е лесна задача. Одговорноста е поинаква кога пред Вас тоа го правеле други. Ние внесовме многу емоции во текот на целиот процес. Многу љубов за песната и за Битола“, истакна своевремено Димитар Андоновски. Интересно е да се знае дека авторот на песната Петар Георгиев Калица, идејата за песната ја имал подолго време, а ја напишал за неполни пет минути. Песната за првпат пред јавноста беше изведена на фолк фест „Валандово“ 1989 година. Мелодијата ја исполни октетот „Македонија“, аранжманот го направи сега покојниот Ѓорги Димчевски. На фестивалот песната ја добива третата награда од жирито, но таа награда станала далеку поголема со славата која песната ја доживеа.