“Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски ја освои главната награда „Аурора“ на Меѓународниот филмски фестивал во Тромсе, Норвешка, кој се одржа од 15. до 21. јануари, а наградата, меѓу другото, беше и парична во износ од 5.000 евра. По овој успех следува и американската кинопремиера на 26. јануари.
„Домаќинство за почетници“ е третиот филм, а прв македонски на македонско-австралискиот автор Горан Столевски. Светската премиера ја имаше на 80. Филмски фестивал во Венеција во програмата „Хоризонти“, при што доби одлични рецензии и ја освои една од паралелните награди „Квир лав“, во конкуренција од 16 филмови.
Беше и македонскиот кандидат за „Оскар“, но не влезе во потесната листа за номинација. Столевски истакна дека тој дури по извесно време станал свесен дека филмовите му се автобиографски и дека го води инстинкт и не пишува со никаква намера или план.
Премиерата во Македонија ја имаше на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ како и во Синеплекс во Скопје.
Главните улоги ги играат Анамариа Маринка и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Во споредни улоги се македонските актерки Сара Климоска и Ајше Усеини и Розафа Челај од Косово. Директор на фотографија e Наум Доксевски. Филмот е во продукција на „Лист продукција“ – Скопје.
Филмската приказна на Столевски се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале.
Снимањето на филмот се одвиваше во јули 2022 година во Скопје, а додека пост-продукцијата се работеше на релација Европа – Австралија и тоа во Мелбурн, Аделаида, Гетеборг и Варшава.